1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е Обама немоќен против Путин?

Геро Шлис / Елизабета М. Фиданоска5 март 2014

Рускиот ангажман на Крим го става американскиот претседател Обама пред досега непознат предизвик. Внатрешнополитички тој е под сѐ поголем притисок. Какви опции има Обама?

https://p.dw.com/p/1BKVH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нема сомневање - распоредувањето на руски сили на Крим е досега најголемиот надворешнополитички предизвик за претседателот Барак Обама. По неговото колебливо однесување во конфликтите околу Иран и Сирија, вербата во САД во неговите способности како кризен менаџер не се големи. „Дали господин Обама е доволно цврст за да се фати во костец со поранешниот КГБ-офицер во Кремљ?“, праша на пример „Њујорк Тајмс“ провокативно.

Меккејн: Надворешната политика на Обама е „бескорисна“

Жестока критика има веќе сега. Надворешната политика на Обама е „бескорисна“ и е соодговорна за актуелната криза, оценува републиканскиот сенатор Џон Меккејн. За Дојче веле тој пред неколку дена отиде уште подалеку во оценките и рече дека администрацијата на Обама воопшто нема стратегија за безбедносната политика, која „не постои“. Многумина сѐ уште добро се сеќаваат дека претседателот сакаше да управува со меѓународните случувања „од втор ред“. Иран и Сирија му ги поматија сметките, а Владимир Путин само што му покажа како треба во аферата со Едвард Сноуден, вели Меккејн.

Како изгледа лидерска сила?

Поранешниот американски амбасадор во Полска, Ли Ендрју Фајнстин, го зема Обама во заштита: „Мора да се биде фер и да се каже дека претседателот и министерот за надворешни работи Кери реагираа многу силно на руската провокација. Кери тоа го нарече меѓународна агресија, Обама зборуваше за јасна повреда на меѓународното право.“ Дури неколку денови подоцна Европејците се изјаснија со сличен тон. Тоа, според Фајнстин, ја докажува „американската лидерска сила“. Меѓутоа, сега на Путин би морало да му се остави излез за тој да може да го промени курсот, а притоа да си го зачува образот, нагласува Фајнстин.

G8-Treffen
Обама и Путин на средбата на Г8 во јуни 2013-таФотографија: Reuters

За такво нешто не сакаат да слушнат оние кои на претседателот јавно му даваат совети. „Направете демократски обрач околу Путинова Русија“, препорачува републиканскиот сенатор Линдзи Греам. Неговиот сопартиец од Флорида и можен кандидат запретседател, сенаторот Марко Рубио, сака „враќање на ракетниот одбранбен систем“, без да спомене притоа дека токму тој систем е веќе инсталиран во прва фаза. Други сакаат едноставно да го исфрлат Путин од Групата 8.

Корнблум: Просторот на Обама за дејствување е ограничен

Уште кога стигнаа првите вести за влегувањето на руски сили на Крим, поранешниот американски амбасадор во Германија, Џон Корнблум, за Дојче веле рече дека Обама има ограничен простор за дејствување. Есенцијално е да се одбрани територијалниот интегритет. „Но кога го велите тоа, што тоа значи? Јасно е дека не значи воени акции, но може да значи силни политички и економски акции.“

John Kornblum
Џон КорнблумФотографија: picture-alliance/ZB

Претседателот Обама веднаш му се закани на Путин со „цена“ што ќе мора да ја плати. Во моментов неговата администрација крои пакет економски санкции. Освен тоа, Русија треба да биде меѓународно изолирана. Доколку состојбата ескалира и натаму и се случи официјална анексија на Крим од страна на Русија, САД, како што вели Фајстин, ќе реагираат со замрзнување на руското богатство и ограничен пристап на руските фирми на меѓународниот финансиски пазар. „Тоа би било од големо значење, зашто мора да имате предвид дека ова не е Русија од времето на влегувањето во Авганистан, туку Русија во 2014 година, интегрирана во светската економија.“

Заеднички со Европа - тоа е важно

Обама не без причина е за заеднички потези со Германија и ЕУ. Без Европа американските економски санкции не би имале ефект. Трговскиот волумен на Европејците со Русија е речиси десет пати поголем отколку оној на Американците. Затоа Европејците во моментов не се многу гласни околу оваа тема. Ако Владимир Путин не го промени курсот и неговите трупи влезат дури и во источните провинции на Украина, „тогаш ќе имаме ситестематска, широко поставена политика на економски притисок и дипломатска изолација“, предвидува Фајнстин. „Таа ќе трае долго време, сѐ додека Русија не биде убедена да го промени курсот.“

Буш и Обама

Истата реторика можеше да се слушне уште во 2008 година, кога руските трупи зазедоа делови од Грузија. Русија до денес не ги напушти своите позиции. Тогаш американскиот претседател се викаше Џорџ Буш. Американските медиуми укажуваат на тоа дека и нему, исто како и денес на Обама, на располагање му стоеја ограничени опции.

Georgien Russland Krieg 2008
Остатоци од руска артилерија во Грузија во војната во 2008 годинаФотографија: Marco Longari/AFP/Getty Images

Во моментов е популарно да се „зборува за ограничени средства на Американците и Европејците“, нагласува Фајнстин. „Но ако Американците и Европејците зборуваат во еден глас, може да се направи многу.“ Освен тоа, според Фајнстин, мора да се земе предвид дека „Русија не е остров“. „Таа има многу земни богатства и пари, но е длабоко интегрирана во меѓународната економија. Јас не би го потценил дејството врз Путин“, вели тој.

Што планира НАТО?

Дури и покрај тоа што стратезите во САД и Европа во моментов во прв план ги имаат напорите за деескалација, во дел од изјавите се провлекуваат неизречени можни опции на употреба на воена сила од страна на Западот. „Сѐ уште е рано да се зборува за други можни видови на соработка“, вели Фајнстин, додавајќи: „Но НАТО планира, таа е наша заедничка одбранбена организација. Да се надеваме дека нема да мораме да зачекориме на тој пат.“