1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лошо расположение во чекалницата на ЕУ

Б. Георгиевски/нцц/фац7 јули 2016

Различни видувања во печатот на германски јазик на конференцијата ЕУ-Балкан во Париз. Меѓу скепсата и оптимизмот, некои предвидуваат „Б-членство“ за балканските земји.

https://p.dw.com/p/1JL2I
Фотографија: Getty Images/AFP/S. de Sakutin

„Калкулиран оптимизам и скепса го карактеризираа самитот меѓу ЕУ и балканските земји во Париз“, оценува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг. На тврдењето на Оланд дека Брегзит „на ниту еден начин не влијае врз ветувањата кон регионот“ никој не му поверува.

НЦЦ проценува дека Брегзит ќе му одземе премногу енергија и време на Брисел за да може да се занимава со проширување на ЕУ. Притоа, со заминувањето на Британија се губи еден важен поддржувач на проширувањето- иако целта на таа политика, според НЦЦ, всушност била „да се отежне продлабочувањето на врските во ЕУ“.

„Како понатаму? Можни се различни сценарија. Најверојатното: ветувањата за членство остануваат само вербална гимнастика. Преговорите потоа би траеле до недоглед- како во случајот со Турција. Во исто време, ЕУ ќе ги поддржува оние политичари кои ќе се однесуваат 'одговорно', со други зборови: оние кои се залагаат за помирување, кои соработуваат во бегалската политика и се држат подалеку од Москва. Тоа што ваквите политичари не се заинтересирани за либерална демократија, туку порадо промовираат ограничена демократија, им се простува. Најважно е геополитичкиот правец да биде исправен“.

„(...)Во друг случај, кризата во ЕУ би можела да води кон диференцирано членство: покрај полноправните членки би имало и такви кои би имале само дел од обврските, но и далеку помалку привилегии. Доколку едно вакво 'Б-членство' на балканските земји предизвика помал отпор во ЕУ, а пречките за членство бидат помали, би можела да се очекува една нова интегративна динамика. За економскиот раст и политичкиот развој, ова сценарио е шанса. Со неговите етнички комплексности и лошата состојба, на регионот му е потребен заеднички европски покрив за мир“, пишува НЦЦ.

Paris Westbalkan Konferenz Delegationen am Konferenztisch
Излегувањето на Британија од ЕУ може да го забрза влегувањето на Србија, тврди ФАЦФотографија: picture-alliance/dpa/E. Laurent

Франкфуртер Алгемајне Цајтунг гледа малку поинаков исход од конференцијата во Париз за Западниот Балкан. „Излегувањето на Британија од ЕУ може да го забрза влегувањето на Србија во Унијата, а не да го забави. Тоа е неочекуваниот исход од т.н. Конференција за Западниот Балкан“.

„(...)По влезот на Хрватска во 2013 година следната рунда на проширување се очекува во 2020 година. Како најизгледни кандидати се споменуваат Србија и Црна Гора.

Од причина што Велика Британија ја напушта ЕУ, оваа земја го прекина отпорот против отворањето на поглавјето 'Правда и основни права' во преговорите со Србија. Претходно, Лондон ја правдаше блокадата со технички причини поради подготовката на референдумот за Брегзит. Во Париз и Хрватска, како втор кочничар на Србија, искажа подготвеност да го одобри отворањето на преговорите“.

ФАЦ го цитира Душан Рељиќ, шеф на бриселската Фондација Наука и Политика, кој вели дека по конференцијата ЕУ мора да ја зголеми економската поддршка за земјите преку структурните фондови.
„Средствата од Берлинскиот процес не се доволни за да се спречи натамошното зголемување на заостанувањето во развојот“, вели Рељиќ.