1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ДИК ќе стане единствено надлежна за Избирачкиот список?

Катерина Блажевска29 јули 2015

Работната група денеска ќе решава под чија надлежност ќе биде избирачкиот список, како ќе се утврдува неговата веродостојност, за составот на ДИК и гласањето на дијаспората.

https://p.dw.com/p/1G6iI
Фотографија: Petr Stojanovski

Работната група во која учествуваат претставници на четирите најголеми партии, вчера го договори распоредот за разговор за клучните прашања, за кои според Договорот од 2 јуни во прецизни рокови треба да бидат направени одредени измени и договорени решенија. Според распоредот, утре на дневен ред ќе биде една од најважните теми - утврдувањето на начинот на избор и овластувањата што треба да ги има новиот специјален обвинител, како и пакетот законски измени кои треба да овоможат тој да биде избран до 15 септември и да има целосна автономија да ја води истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Утре нема да се разговара за персонални решенија.

„Рано е да зборуваме за кадровски предлози. Сега е најважно е да се утврди законската рамка, односно какви овластувања ќе има специјалниот обвинител, со што ќе биде гарантирана неговата автономија, со какви ресурси ќе располага. За другото - потоа“, велат од работната група.

Задолжителен биометриски елемент

Денеска работната група ќе ги продолжи веќе започнатите разговори за изборниот пакет, на кои како олеснувач учествува белгискиот експерт за јакнење на институционалните капацитети, Питер Ванхауте. Копјата ќе се кршат по неколку прашања: под чија надлежност ќе биде избирачкиот список, како ќе се утврдува неговата веродостојност, каков ќе биде составот на ДИК и за гласањето на дијаспората.

Во однос на избирачкиот список се вртат два предлога - создавање на нов со активна регистрација на гласачите и ажурирање на сегашниот со теренска проверка. „Мост“ и „Цивил“, невладини организации кои со свои набљудувачи го следат изборниот процес, во оваа насока веќе и‘ дадоа свои предлози на работната група. Дарко Алексов, извршен директор на МОСТ, смета дека е најдобро да се спроведе активна регистрација на гласачите.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien Darko Aleksov
Дарко АлексовФотографија: MIA

„Тоа значи дека државата не е задолжена да води евиденција за гласачите и не ги запишува сите граѓани со право на глас на избирачкиот список, туку тоа зависи од тоа дали гласачите ќе се пријават за гласање. Избирачкиот список на некој начин го креираат самите гласачи. Постојат повеќе методи како граѓаните да се регистрираат: гласачите се регистрираат кај локалните власти или изборни органи, или да се попишуваат во нивните домови според т.н. систем од врата до врата, кој до неодамна се применуваше во Велика Британија. Трета опција е пријавување на гласачите при остварување контакт со некоја институција - при вадење возачка дозвола, плаќање данок и сл. На формуларите кои граѓаните ги пополнуваат тие се изјаснуваат дали сакаат да биде запишани на Избирачкиот список или не“, објаснува Алексов.

Од технологијата која се користи кога гласачите сами се пријавуваат за да бидат запишани, тоа најчесто е биометриски скенер на отпечатоци од прст.

„Ваквиот скенер е предвидено да започне да се користи од 2015 година на избирачките места за кои има технички услови за тоа, а од 2019 на сите избирачки места, како замена за невидливото и видливото мастило кои досега се користеа. Ваквиот скенер треба да се користи и при регистрацијата на гласачите, со цел да се оневозможи повеќекратна регистрација на еден гласач. Ставот на МОСТ е да се воведе ваквиот начин на регистрација кој може да биде и задолжителен, со што ќе се креира нов Избирачки список за кој единствено ќе биде надлежна ДИК. Со ова таа ќе може и фактички да ги остварува своите законски надлежности во однос на ова прашање“, укажува Алексов.

Mazedonien Xhabir Derralla
Џабир ДералаФотографија: DW

Спречување „демографска интервенција“

Од невладината Цивил - Центар за слобода, предлагаат на средувањето на избирачкиот список да му претходат неколку промени во легислативата.

„Една од мерките е и интервенција во Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште, особено во смисла на воведување стандарди околу тоа колку лица на колкав простор може да бидат пријавени, а да не се во блиска роднинска врска. Ова ќе биде превентивна мерка за тоа што ние го нарековме 'Операција Пустец или 'Демографска интервенција' во нашите извештаи“, вели претседателот на организацијата, Џабир Дерала. И според него, најдобра опција е подготвување нов Избирачки список со активна регистрација на гласачите, која треба да биде задолжителна, бидејќи во спротивно постојат повеќе ризици.

„Што се однесува до ДИК, најпожелно е ова тело да биде професионализирано, а не да биде составено од партиски кадри. Најважно од сѐ е, ДИК да стане сопственик на целиот процес, вклучувајќи го Избирачкиот список. Со оглед на длабоката недоверба која владее во институциите, особено во МВР и во правосудството, потребно е ДИК да добие сериозни овластувања, максимална независнот и сите потребни ресурси за да ја спроведе целата операција“, дециден е Дерала.

„Цивил“ веќе предложил повеќе мерки и во сферата на превентивата од изборни измами, преку предлози во сферата на Изборниот законик, а се залага Македонија да биде една изборна единица и да се воведе изборен модел со отворени листи.

Mazedonische Diaspora wählt in Berlin
Гласање на дијаспората-Берлин, архивска фотографијаФотографија: DW/S.Padori-Klenke

Дијаспората реагира

Во однос на гласањето на дијаспората, според МОСТ, има два спорни аспекта. Првиот е нееднаквоста на гласот во Македонија и странство, а вториот аспект е цената на чинење.

„Според буџетот за изборите во 2014 година, за гласањето во странство беа потрошени најмалку 1,1 милиони евра. Овој износ претставува околу 25% од вкупниот буџет за изборите и е сосема непропорционален во однос на бројот на пратеници кои се избираат - 3, а се избрани од само околу 6.500 гласачи. Поради овие причини, можеби е добро гласањето во странство да се укине за следните избори, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти - изборен систем, број на изборни единици, број на пратеници, еднаквост на гласот, со цел да се изнајдат подемократски, поефикасни и поевтини решенија“, укажува Алексов.

Предлози за измени во постапката за гласање на дијаспората или за нејзино укинување стигнуваат од повеќе огрганизации и партиски субјекти, што наиде на реакции кај иселениците од Македонија.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) смета дека гласањето на дијаспората не само што не треба да се укине, туку треба да се унапредува. Според нив, еден од начините е воведување електронско гласање, со што би се зголемил бројот на гласачи и би се намалиле трошоците за гласање. Против намерата да им се одземе правото на глас, се огласија и Македонците во Шведска.

„Тоа практично би значело враќање со крупен чекор наназад и би резултирало со непотребно отворање на широк јаз меѓу дијаспората и татковината, што никому не би му било од полза“, вели Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.

Иселениците се надеваат дека работната група ќе утврди решенија кои нема да им го одземат правото на глас, а ќе најде механизми да ги реши утврдените нееднаквости во процесот.