1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали децентрализацијата на Косово е рецепт за заштита на малцинствата?

31 март 2004

Косовските Албанци сметаат дека иднина на покраината е единствено - независност. По неодамнешните насилства, и во Србија се прават напори за усогласување на ставовите и за наоѓање единствена позиција по ова прашање.

https://p.dw.com/p/AdG4
Косово
КосовоФотографија: AP

Владата во Белград, по крвавите безредија на Косово од пред две недели, е притеснета – дискусиите за статусот на покраината се вратија на меѓународната агенда. Од друга страна, во земјата, се погласни се барањата за поголема заштита на српското население на Косово. Премиерот Воислав Коштуница од фиока извади една поранешна идеја на неговиот ополномоштеник за Косово – провинцијата треба, според швајцарски урнек, да биде поделена на кантони, вели Коштуница. Кантоните би требало да придонесат пред се за опстојување на српската заедница, поделена во мали енклави.

Предлогот на Коштуница даде поттик и другите српски партии исто така да ги изнесат своите предлози. Така, првпат по две години, откако тогашниот српски премиер Зоран Џинџиќ од САД и ЕУ побара брзо решавање на конечниот статус на покраината, за темата се дискутира повторно отворено. Демократите на Коштуница се залагаат за кантони, партијата на убиениот Џинџиќ го поддржува тој предлог, вицепремиерот Мирољуб Лабус бара расчленување според етникуми, како во Босна и Херцеговина. Ултранационалистите не сакаат да се впуштаат во никаква дискусија за поделба.

Премиерот Коштуница пред една недела отпатува во Брисел за со врвот на ЕУ и НАТО да разговара околу концептот на ново уредување на Косово. Потоа изјави:

”Кантон е само еден од синонимите што ги употребувам кога говорам за децентрализација на Косово. Може да се каже и региони или нешто друго. Важно е дека идејата не е нова и не потекнува од Србија и Црна Гора. Оваа идеја е првпат обелоденета во Советот на Европа. Се работи за тоа преку еден вид автономија, децентрализација, Косово и натаму да се демократизира, за да се заштитат правата на Србите и другите не-Албанци.”

Експертите на Советот на Европа, кога во ноември, по девет месеци работа, во Приштина го претставија планот за децентрализација на Косово, не беа толку конкретни. Надлежниот ополномоштаник, Филип Блер, во интервју за Дојче Веле објаснува дека заедниците на Косово се натпросечно големи во споредба со европските стандарди. Затоа, планот предвидува намалување на управните единици:

”Главните точки во прва линија се – постигнување ново ниво на локална самоуправа, со околу 180 општини во цело Косово, со број на жители просечно од околу пет илјади и соодветна децентрализација во седумте големи градови.”

На оовј начин би требало да бидат подобрени и образовните и здравствените услови, финансиската управа треба да стане поефикасна, вели Блер. Значи, Советот не планира, барем не официјално, самоуправата да ја направи по етничка линија. Истовремено, косовските Срби тука гледаат можност во нивните мали енклави, сами да носат решенија за парите и за безбедноста на локално ниво.

Од добро информирани кругови во Брисел се вели дека ЕУ е отворена за предлози. И за такви кои одат во насока на тоа децентрализацијата на Косово на Србите да им обезбеди права какви што има албанското малцинство во Македонија.

Сепак, и натаму недопирлива е резолуцијата 12 44 на ОН, која го регулира поредокот во покраината по војната, се вели во Брисел. Освен тоа, ЕУ и натаму опстојува на исполнување на демократските стандарди, пред да почне да разговара за конечниот статус на Косово. Рокот за исполнување на стандардите истекува на крајот на 2005 година. Дотогаш нема да се прави ништо што се однесува на решавање на прашањето на статусот, се вели во кругови на ЕУ.

Наљудувачите ја критикуваат ваквата тактика на чекање, како несоодветна на реалноста. И на омбудсманот на ОБСЕ на Косово, Марек Антони Новицки, во дискусијата за заштита на малцинствата и за децентрализација, му недостига јасна изјава за идниот статус:

”Ми паѓа тешко да разговарам за прашања како што е децентрализацијата, а притоа да немам визија во која насока ќе се одговори на прашањето за конечниот статус. И не само децентрализацијата. Многу прашања не можат да бидат сериозно зачнати без визија за насоката на конечниот статус.

На крајот на минатата недела сите партии во српскиот парламент донесоа изјава, во која се вели дека малцинствата во покраината можат да се заштитат само со територијална автономија на Србите.