1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали анкетите го креираат политичкиот вкус на гласачите?

Синиша Богданиќ/ Жана Ацеска 2 август 2014

Хрватските медиуми секој месец објавуваат какво расположение имаат избирачите. Ваквите истражувања на јавното мислење ги признаваат оние кои во нив водат, а ги оспоравуваат оние кои во анкетите се на дното или ги нема.

https://p.dw.com/p/1CZWG
Фотографија: Getty Images/AFP

Резултатите на истражувањето на политичките наклоности во хрватските медиуми се вести рамноправни со најважните настани, толку важни што се објавуваат неколку дена и во „неколку епизоди“. Јавната Хрватска радиотелевизија така го објавува ЦРО Демоскоп, додека конкурентската Нова ТВ го објавува Кробарометар. Речиси по правило, резултатите од едната анкета ги потврдуваат онаа конкурентската и ретко кој ја доведува во прашање нивната веродостојност.

Експертот за политичка комуникација Крешимир Мацан од агенцијата Мањгура во разговор за Дојче веле тврди дека Хрватска има доволно долга традиција на квалитетни истражувања.

„Од 2000. година ги користам и за разлика од останатите земји во регионот, хрватските истражувања на јавното мислење се кредибилни и се извршуваат според сите стандарди“. Тој притоа укажува на јасните показатели на транспаренстност: се знае кој ја порачал анкетата, кој ја извршил, колкав и каков е примерокот и колкава е грешката.

„Професионално и финансиски сум зависен од такви истражувања, а досега ме доведувале главно до победа. Манипулации не се можни, зашто имаме две конкурентски куќи кои ги работат анкетите“.

Но, вакви испитувања се само показател на трендовите, додека за вистинскиот изборен резултат одлучуваат други работи. Низ испитувањата може да се види што се случува, но не може да се предвиди иднината. На пример, вели нашиот соговорник, може да се види расположението на гласачите, но не може да се предвиди нивното утрешно однесување.

Kroatien Srdjan Dumicic Direktor der Firma Ipsos
Срѓан ДумичиќФотографија: privat

Неоконзервативците ја препознаа важноста на анкетите

Анкетите се сигурно силен политички алат кој досега во Хрватска можеби најдобро го искористи иницијативата „Во име на семејството“. Таа со овој метод утврди дека најлесно ќе ги мобилизира граѓаните по прашањето на сексуалната ориентација и дефиниција на бракот. Тоа конечно вроди со референдум со кој бракот е уставно ограничен на хетеросексуална заедница.

Анкетите ги користат и политичките партии со цел преземање на некои акции. Директорот на агенцијата за испитување на јавното мислење, делумно меѓународна компанија со филијали во над 80 земји во светот, Ипсос Пулс, Срѓан Думичиќ, напоменува дека партиите за своите потреби порачуваат истражувања во чиј фокус се партиските намери и причините за некои ставови кај граѓаните. Јавните истражувања не се толку детални, но можат да послужат како увид во гласачката популација и можноста за проширување на гласачката база.

Само анкети или и програмирање на јавноста?

Може да се очекува резултатите на јавните анкети да влијаат и на самите избирачи, првенствено преку сугерирање на победникот на идните избори, било парламентарни или претседателски. Оние посклони кон теориите на заговор тврдат дека истражувањата на јавното мислење се всушност програмирање на јавноста. Имено, на адреса на медиумите често стигнуваат реакции на помалите и маргиналните партии кои тврдат дека ваквите големи анкети за политичката определба нив ги изоставаат од резултатите и намерно одат во полза на поларизација на јавноста меѓу две водечки политички сили: СДП и ХДЗ.

Думчиќ вели дека во светот се спроведени бројни испитувања кои потврдуваат дека резултатите на анкетите донекаде влијаат врз избирачите.

„Јавните анкети различно влијаат врз различни луѓе. Кога сето ќе се собере, резултатот е неутрален. Кај некои бирачи расте гласачкиот елан, некои ќе заминат на одмор, уверени дека нивната партија ќе победи и без нив. Во однос на малите партии, ако анкетите континуирано предвидуваат дека тие нема да го поминат изборниот праг, може да се очекува тоа и да се случи на изборите. Но, се покажа, 20-30 проценти гласови завршуваат кај партиите кои, според анкетите, немаат изгледи да го преминат прагот“, вели Думчиќ.

Дека анкетите влијаат врз избирачите, а можеби уште повеќе врз медиумите, кои пак потоа влијаат врз гласачите, мисли и Крешимир Мацан.

Kresimir Macan, kroatischer Experte für politische Kommunikation
Крешимир МацанФотографија: privat

„Ако се анкетите веродостојни, тие се одраз на општеството и оценката кое тоа ја дава за работата на владата и на опозицијата. Тие се првенствено патоказ за медиумите. Бидејќи имаме редовни месечни анкети, медиумите преку нив ги потврдуваат своите тези. Анкетите влијаат на тоа како медумите пишуваат за владата и опозицијата“, објаснува Мацан.

„Коментаторите, аналитичарите и новинарите се потпираат на тие истражувања и почнуваат да ја насочуваат јавноста. Тоа го опишува затворениот круг на меѓусебно влијание на медиумите и јавноста“, вели тој.

Анкетите можат да влијаат врз избирачите и кога, на пример, покажуваат исклучително голема надмоќ на еден од претседателските кандидати. Гласачите тогаш не излегуваат на гласање, зашто „веќе се знае кој ќе победи“, а неизлегувањето може да го потенцираат и други фактори, како времето. Мацан вели дека тоа е специфичност на долгите изборни кругови.

„Српскиот претседател Борис Тадиќ така имаше предност пред Томислав Николиќ. Во вториот круг се постави доста силно во смисол дека не му треба поддршка, оти победата му е сигурна. И тогаш загуби. Во Хрватска Јосиповиќ, ако не победи во првиот круг, би влегол со голема предност во вториот. Може да се случи бирачите да не излезат, да речеме поради празникот, а изборите да ги одбие оној кој има подисциплинирани гласачи“, истакнува Мацан.