020809 Dalai Lama Deutschland
3 август 2009„Има се` поголем број кинески интелектуалци и експерти, кои се интересираат за каузата на Тибетанците и манифестираат поддршка за неа. Тоа ни влева надеж!“
Дури и педесет години по бегството од престолнината на Тибет, Ласа, Далај Лама не ја загубил надежта дека неговиот народ еден ден ќе живее во слобода и демократија. Притоа главен адут за него е вербата во демократска трансформација на кинеското општество. Далај Лама е свесен дека тој процес може да потрае и затоа бара начини како да го поддржи. Тој интензивно контактира со претставници на кинеското граѓанско општество, односно со интелектуалци и борци за човекови права: „Изминативе години се сретнав со голем број кинески интелектуалци, научници и експерти. На шести август ќе одржиме дури и симпозиум со поголем број од нив, затоа што сакаме да го чуеме нивното мислење и предлози.“ Симпозиумот треба да се одржи во Женева.
Кина се демократизира
Далај Лама гледа јасен процес на трансформација во кинеското општество, што се движи во насока на демократизација: „Во времето кога уште бев во Кина, многу често слушав за марксизам-ленинизам. Денес ништо слично не слушам. Сега станува збор само за моќ и превласт. Тогаш Кинезите велеа дека империјалистите имаат капиталистички систем, којшто е осуден на пропаст поради општиот развој на општеството. Но, наместо пропаста на капитализмот, сведоци сме дека денес и во Кина на местото на социјализмот владее исто така капитализам. На тоа поле Кина му се прилагоди на светскиот тренд. Ерата на тоталитарните системи е на заминување.“
Каква автономија за Тибет?
Кога станува, пак, збор за автономијата на Тибет, за која тој се бори, Далај Лама нагласува дека не бара потполна независност од Кина, туку културна и религиозна автономија. „На кусо автономијата за која се залагам подразбира централната власт да се грижи за одбранбената и надворешната политика. Локалните надлежности, како културата, религијата, екологијата и економијата треба да ги регулираат Тибетанците.“
Далај Лама нагласува дека ваквиот „среден пат“, што тој го заговара, добил поддршка и од мнозинството Тибетанци, кои живеат во егзил. Тоа го покажала и конференцијата на Тибетанците во егзил, што се одржа минатата година, порача Далај Лама во ексклузивното интервју за Дојче веле.
Автор: Матијас фон Хајн / Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска