Грчката полиција откри осум сомнителни пакети
21 март 2017Пакетите пронајдени во околината на Атина се адресирани до „службеници во европски земји“ и меѓународни финансиски институции, соопшти грчката полиција.
Минатата недела два пакета-бомби беа испратени во Берлин и во Париз.
Едниот пакет беше откриен навреме во поштенскиот оддел на германското Министерство за финансии.
Вториот пакет-бомба експлодираше во канцелариите на Меѓународниот монетарен фонд во Париз. Притоа беше повредено едно лице.
Испраќачи на пакетите во двата случаи беа левичарските екстремисти од грчката група „Заговор на огнените ќелии“. Групата која дејствува од 2008 година е одговорна за десетици напади со потпалување или пакети-бомби, во кои досега немало жртви.
Во наредните денови се очекува интензивирање на разговорите на Грција и кредиторите од еврозоната. Во моментов има несогласувања околу исплаќањето на последната транша од третата програма за помош на Грција, со волумен од 86 милијарди евра.