1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката криза го отежнува решавањето на спорот за името

АМ/миа28 јули 2013

Новоименуваниот американски амбасадор во Грција Дејвид Пирс, во обраќањето пред Комисијата за надворешни работи на Сенатот изјавил дека економската криза во Грција го отежнува решавањето на спорот за името со Македонија.

https://p.dw.com/p/19FM0
Фотографија: Fotolia/chasingmoments

Како што пренесува новинската агенција МИА, Пирс бил прашан од сенаторот Кристофер Марфи дали кризата во Грција значи дека е полесно или потешко да се решат споровите со Македонија и статусот на поделениот остров Кипар.

„Економијата во Грција е во многу тешка состојба. Многу е тешко политички за било која Влада да се справи со состојба во која економијата се намалила за 24 проценти. Грците направија напредок и важно е да работиме со нив да им помогнеме да поминат низ овој, за нив, многу тежок период. Спорот за името трае над 20 години, и е многу тешко прашање. Се надеваме дека амбасадорот Метју Нимиц ќе може да направи напредок. Ги поддржуваме неговите напори и се надеваме дека ќе се најде решение кое би било заемно прифатливо за двете страни и тоа би било добро за регионална стабилност и интеграциите во евро-атланските институции. Улогата на САД е да биде присутна, ангажирана, да набљудува, известува и да им даде можност на одговорните во Вашингтон да ги имаат информациите кои им се потребни“, изјави предложениот амбасадор Пирс.

Сенаторот Марфи потсети дека во 2014 година е предвиден самит на НАТО, на кој решение за спорот за името би помогнало Македонија да стане полноправна членка. Пирс, кој служел во Авганистан, Пакистан и како амбасадор во Алжир, малку подетално се задржа на можностите на решавање на спорот со Кипар, слично како и кандидатката за заменик државен секретар за Европа Викторија Нуланд, која имаше обраќање пред комисијата пред две недели.

Според Пирс, има подобрување на односите меѓу Грција и Турција, и постои очекување преговорите за Кипар да продолжат во текот на октомври. Грција и кипарските Грци се под засилен притисок да го решат спорот со Турција и кипарските Турци, по откривањето на резерви на природен гас во Средоземното Море. Турција може да го попречи експлоатирањето на овие резерви, со кои и грчки Кипар и Грција се надеваат дека ќе се спасат од економската криза.