1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчевити обиди да се запре падот на цената на нафтата

Ролф Венкел / Е.М. Фиданоска16 февруари 2016

Русија и три важни членки на ОПЕК имаат намера да го ограничат производството на нафта и на тој начин да го запрат падот на цената на црното злато. Меѓутоа, прашање е дали тоа ќе помогне за стабилизација на цената.

https://p.dw.com/p/1HwBe
Фотографија: picture-alliance/epa

Производството на нафта би требало да се замрзне на нивото од јануари, изјави саудискиот министер за нафта Али ал-Наими денеска по средбата во Доха со своите колеги по функција од Русија, Венецуела и Катар. Катарскиот министер за енергија Мохамед ал-Сада изрази уверување дека „овој чекор ќе го стабилизира пазарот“. Во наредните емсеци, како што најави саудискиот министер Ал Наими, би требало да следуваат натамошни чекори за стабилизација на пазарот. Тој рече дека се надева оти земјите производители на нафта кои се и не се членки на ОПЕК ќе ги прифатат денешните предлози. Русија, која не е членка на организацијата на земји извознички на нафта - ОПЕК, е еден од најголемите светски производители на нафта.

Во борбата за освојување на пазарот, најголемите држави производители на нафта досега свесно се откажуваа од кратење на производството и намесо тоа дословно го преплавуваа пазарот. На тој начин пред сѐ Саудиска Арабија сака да ги истисне САД од пазарот, каде производството доживува бум благодарение на контроверзната фрекинг-теника. Доколку цената на нафтата и натаму паѓа, фрекинг-постапката нема да биде исплатлива и Саудијците би ја постигнале својата цел. Веќе сега падот на цената на црното злато има оставено длабоки траги, меѓу другото и во САД. Таму во 2015 година банкротираа околу 40 претпријатија за производство и транспорт на нафта, главно фирми кои не се осигурале на пазарот на капитал против пад на цената. Големи загуби бележат и големите нафтени мултинационални компании. Тие на падот на цената реагираа со кратење на илјадници работни места, ригорозно кратење на инвестициите и - загуба од милијарди долари во своите биланси.

Стратегијата на Саудијците е неуспешна?

Сепак, прашање е дали Саудиска Арабија, која покрај САД и Русија е најголем производител на нафта и земја со најголеми нафтени резерви во светот, навистина е во состојба да ја „изгладни“ американската фрекинг-фракција. Затоа што, прво тоа доведе до гигантска загуба во приходите и на Саудиска Арабија и државен дефицит од 100 милијарди долари, а второ и Саудиска Арабија веќе не е во состојба да го врати тркалото назад - фрекинг-инфраструктура во САД постои и таа повторно ќе почне да работи со полна пареа штом земјите производители на нафта ќе го завртат ценовниот тренд на суровата нафта.

Набљудувачите досега размислуваа црно-бело. На една страна земјите производители на нафта, кои страдаат многу од падот на цената, а на другата страна среќниците кои евтино уевзуваат нафта и со тоа штедат многу трошоци. Меѓутоа, во меѓувреме, кај повеќето набљудувачи има промена на ставот.

Infografik Öl-Preis Entwicklung Deutsch
Цена за барел на нафта од сортата Брент

Темната страна на медалот

Зашто, падот на цената на нафтата е и индиција за недоволна побарувачка, која укажува на криза во светската економија. Поради рецесија во високо задолжените земји во забрзан подем, Меѓународниот монетарен фонд веќе ја намали својата прогноза за порастот. Според една студија на консултантската фирма Делоит, околу една третина од 500 фирми од нафтениот бизнис кои се предмет на набљудување, се соочени со банкрот. Тие се задолжени со 150 милијарди долари и поради падот на акциите одвај можат да стигнат до свежи пари.

Меѓутоа, не се само земјите во забрзан подем и нафтената бранша единствените жртви од падот на цената на нафтата. И во Германија медалот има две страни. Возачите и корисниците на масло за греење се радуваат поради тоа што им остануваат повеќе пари за приватна потрошувачка, а од ниските цени на безнинот полза има и автомобилската индустрија. Но, среднорочно на некои од германските успешни бранши, како машинопроизводството, им се закануваат неволји, затоа што падот на цената на нафтата одамна ги „дави“ конјунктурите на некогашните бум-земји, како што се Русија и Бразил. Тоа пак, некогаш ќе се одрази и на германскиот извоз, пред сѐ на германските „специјалитети“, како што се машините или инвестициските добра.