1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција и бегалците: Клима на раздразнетост

Јанис Пападимитриу/Ж.А.26 март 2016

Во Грција, откако е затворена Балканската рута, моментно се „заглавени“ околу 50.000 бегалци и мигранти. Кај многумина Грци расте загриженоста во однос на доселувањето и интеграцијата.

https://p.dw.com/p/1IKBA
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Babani

Сопственикот на киоск Фанис ги разлистува дневните весници. Насекаде крупни наслови - духовите ги брануваат терористичките напади во Брисел, бегалската драма во Средоземното Море, како и економската криза. Во грчката јавност моментно најжешка дискусија се води околу бегалската политика. Фанис често непосредно ја доживува, зашто неговиот шарен киоск служи како информативна и контакт-берза за целиот градски кварт. „Сепак е чудно“, вели семејниот човек во разговор за Дојче веле, „бројни луѓе овде во околината покажуваат големо разбирање за избеганите и сметаат дека во Сирија се случуваат страшни работи. Но, кога станува збор да се примат бегалците во непосредно соседство, веќе е друга приказна.“

Griechenland Athen Stimmung gegenüber Flüchtlingen
Сопственикот на киоск ФанисФотографија: DW/J. Papadimitriou

А какво е неговото мислење за темата бегалци? Мора да се врши диференцирање, смета Фанис. Традиционално, луѓето од Сирија се пријателски настроени кон Грците, конечно, многумина Сиријци се христијани. Освен тоа, вели Фанис, не смее да се заборави дека многумина Грци по загубената војна против Турција во раните дваесетти години го поминаа обратниот пат и во тоа време како бегалци побараа заштита во Сирија. Заклучок: „Знам оти мнозинството Сиријци не сакаат да останат во Грција, туку порадо да го продолжат патот кон северна Европа, но не би им замерил и ако останат овде“, вели елоквентниот сопственик на киоск, додавајќи: „Искрено речено, воопшто не верувам дека овие луѓе навистина би можеле да живеат во северна Европа, културните разлики се едноставно преголеми, барем според мое мислење.“

Кавги околу новодојденците

Да се остане во Грција или не? За многумина бегалци ова е се‘ посериозно прашање по прогласувањето за затворена на т.н. Балканска рута, која долго време преку Турција водеше кон централа Европа. Дури и ако репатријацијата, предвидена според најновиот договор меѓу ЕУ и Турција, функционира беспрекорно, со неа нема да бидат опфатени околу 50.000 луѓе стигнати во Грција пред стапување во сила на спогодбата. Владата во Атина се чини се помири со тоа. Барем во прилог на тоа зборува децентрализацијата на прифаќањето и згрижувањето на бегалците. Прифатни центри не настануваат само на островите во Егејското Море, туку засилено и на копно. На многумина тоа не им се допаѓа: во североисточното село Долиана пред неколку дена се случија турбулентни сцени кога стотици жители излегоа на протести против пристигнувањето на 210 бегалци, блокирајќи го пристапот до нивното сместувалиште. Тоа е веќе полно, аргументираа жителите на Долиана. Тие не сакаат да дозволат во нивното село да бидат подигнати шатори за новодојденците, слично како на пример во граничното место Идомени, или во Пиреја. По долги убедувања, бегалците прво беа пренесени во блискиот провинциски главен град Јанина, а 24 часа подоцна во Јаница, односно Ениџе Вардар.

Griechenland Athen Stimmung gegenüber Flüchtlingen
Елони Мохаманд на доброволна база помага во згрижувањето на бегалците и мигрантитеФотографија: DW/J. Papadimitriou

Елони Мохаманд не може да ги разбере овие зовриени реакции. Египќанец по потекло, тој е веќе половина Грк, зашто од пред 22 години живее во Пиреја и тука работи како градежен работник. Во слободното време 52-годишникот го посетува шаторскиот град во пристаништтео во Пиреја и на доброволна база помага во згрижувањето на бегалците и мигрантите кои зборуваат арапски јазик. „Јас самиот таму одам повремено, а не сум единствениот кој помага без никаков надомест“, вели тој скромно. „Но, кога немам друга работа, радо наминувам овде и прашувам дали некој има некаква потреба, дали можам да помогнам со превод и во комуникацијата со администрацијата“, вели Елони Мохаманд во разговор за Дојче веле.

Griechenland Athen Stimmung gegenüber Flüchtlingen
Црвениот крст е ангажиран во ПирејаФотографија: DW/J. Papadimitriou

Спор околу невладините организации

Моментно на бегалците секоја помош им е добредојдена. Но, за жал, поради слабата снабденост, во преполнетите кампови доаѓа и до конфликти. Во грчката јавност возбуда предизвикуваат и протестните акции на бегалците кај Идомени, кои гласно бараат отворање на границите. На почетокот на неделава се раширија шпекулации дека организацијата на ОН за бегалци, УНЦХР, од „безбедносни причини“ ќе го напушти Идомени. Потоа соработниците на „Лекари без граници“ привремено ја прекинаа работата. Во четвртокот претставникот на УНЦХР Петрос Мастакес преку ТВ Скај јавно се произнесе: неговите тимови нема да ги остават луѓето во Идомени на цедило.

Во пристаништето на Пиреја за бегалците и мигрантите посебно се грижи Црвениот крст. „Ние сме непрекинато ангажирани од мај 2015 година, последните месеци овде во Пиреја најбарани се нашите лекари и негувателски персонал“, објаснува координаторката Јоана Фотопулу. Претпладне на малите деца на располагање им стои детско игралиште. Освен тоа, секојдневно се делат постелина, сува храна, илјада шишиња вода и информативен материјал на повеќе јазици, истакнува соработничката на Црвениот крст.