1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грузија, Молдавија, Украина и сонот за ЕУ

Наталија Макушина/сн28 јуни 2015

Пред една година, трите постсоветски републики потпишаа договор за придружување со ЕУ. Каква е сега таму ситуацијата и како се одвива спроведувањето на тој договор, се прашањата на кои одговараат експерти од трите земји.

https://p.dw.com/p/1FoP0
Фотографија: Olivier Hoslet/AFP/Getty Images

Во историјата на Грузија, Молдавија и Украина потпишувањето на Договорот за придружување и слободна трговија на 27. јуни 2014. на самитот на ЕУ во Брисел е едно од најважните случувања од независноста во 1991. година. Договорот со ЕУ предвидува укинување на царини и би требало да овозможи проширување на трговијата. Но политичките и економските проблеми во овие земји станаа пречка во имплементирање на Договорот за придружување, велат набљудувачите на терен.

Грузија сака европска интеграција

„Грузија тежнее кон членство во ЕУ и нема да се откаже од таа цел“, рече за ДВ, Каша Гоголашвили од грузиската Фондација за стратешки и меѓународни студии (ГФСИС). До денес во сила стапи само дел од Договорот за придружување, оној кој се однесува на трговијата. Но грузиската економија е насочена кон европскиот пазар и извозот во ЕУ се зголеми, вели овој стручњак. Според него, договорот вклучува и програма на реформи, кои веќе се спроведуваат со поддршка на ЕУ. Но, нејзиниот успех зависи исклучиво од грузиската влада, вели Гоголашвили. Само сигурно економско опкружување и политичка стабилност можат да привлечат инвеститори. Но, Грузија во моментов се соочува со сериозни проблеми: економски пад, висока стапка на невработеност, безбедносни закани во регионот и во земјата. Сето тоа стои на патот за брз напредок во реформите.

„Очекувањата на населението не се исполнети“, предупредува Гоголашвили. Но и руската пропаганда придонесува за зголемување на поддршката за прорускиот курс, и таа моментално изнесува 15 насто. Но поголемиот број Грузијци, 70 проценти, сакаат натамошен европски развој за својата земја, вели експертот, додавајќи: „Ќе се случи пресврт кога ЕУ ќе воведе безвизен режим. Тогаш луѓето ќе ги почувствуваат вистинските предности од приближувањето кон ЕУ.“

Молдавија: помеѓу Исток и Запад

За разлика од Грузија, Република Молдавија денес повторно е на крстопат. Анатол Царану од молдавскиот центар за стратешки истражувања и советувања „Политикон“ истакнува оти Молдавците, и покрај тешката економска ситуација, на последните избори во мнозинство гласаа за проевропските партии- по потпишувањето на договорот со ЕУ и воведувањето безвизен режим.

Меѓутоа, поради тековната криза, повторно ќе се разговара за промена на надворешнополитичкиот курс. „Ситуацијата е сериозна. Не е исклучено Молдавија да банкротира. Олигарските кругови имаат големо влијание врз развојот“, вели Царану. Сѐ зависи од тоа дали во парламетнот ќе биде формирано ново мнозинство, и дали тоа ќе биде проевропско и дали ќе биде во состојба да спроведе порадикални форми.

Украина се надева на преспектива за членство во ЕУ

Меѓу трите наведени земји, Украина е во најтешка ситуација. Таа троши многу енергија и ресурси за конфликтот со Русија, истакнува Владимир Хорбач од украинскиот институт за евроатланска соработка, додавајќи: „Случувањата на истокот на земјата ѝ пречат на владата во спроведување на договорот со ЕУ. Покрај тоа, делот за слободна трговија не стапи во сила, бидејќи ЕУ направи отстапки кон Русија и го одложи до 1. јануари 2016 година.“

Киев работи на усвојување на европските прописи и стандарди за квалитет. Но украинските власти често немаат ни доволно мотивација ниту средства за реформи: „ЕУ мора да разбере дека одбранбените прашања, прашањата за живот и смрт, често се поитни отколку прилагодувањето на техничките прописи“, смета овој експерт.

Хорбач вели оти во украинската јавност забележително е и разочарување од ЕУ, која не ја разбира ситуацијата во Украина. „За Украина би било важно да ѝ се пружи перспектива за членство во ЕУ. Со тоа украинското општество би се мобилизирало за реформи и би се уверило во тоа дека Мајдан не беше залуден.“