Груевски ја составува новата влада
3 јули 2008Во партиските кругови во Скопје владее комплетна конспирација за кого мандаторот Груевски ќе се определи да соработува во идната влада. Се очекува нова рунда преговори со шефоите на ДУИ и ДПА Али Ахмети и Медух Тачи, но и до овој викенд да се знае кој ќе биде новиот коалиционен партнер.
Аналитичари во Скопје не ја исклучуваат можност дека американската админситрација испратила порака до Македонија, дали и двете албански партии да бидат дел од владата. Заменик помошникот американски државен секретар Розмари ди Карло оваа идеја ја тестирала и на работен ручек со независни интелектуалци и новинари пред се’ од албанската етничка заедница.
Не е исклучено во изборот мандатарот Груевски да се води и од идејата за предвремени локални избори, што во јавноста проструи токму од кругови на ВМРО ДПМНЕ. Но за тоа е потребно да се смени законот за општините односно за територијалната поделба, за што пак треба најмалку 81 глас, односно употреба на Бадентеровото правило, колку што практично би имале ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.
Вториот аспект е името
Албанскиот фактор сака да биде активен дел од преговорите. Од друга страна невообичаена е дипломатската активност на Атина, откако премиерот Груевски побара да се отвори егејското прашање и комплетната кошничка на малцински права во Грција. Лидерот на ДПА Мендух Тачи пред шест месеци изгледа погоди кога со грчко-македонскиот спор ги поврза и стравовите на Атина од албанското национално малцинство во Грција.
Без огледа на функционирањето на владата како техничка, новиот парламентарен состав во Македонија е во продуктивна законска фаза. Досега се усвоени десетина закони, но со помал вербален отпор од страна на опозицијата.