1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски се закани на сите што и‘ мислат зло на Македонија

Катерина Блажевска10 мај 2015

Неопходноста и тајмингот на полициската акција беа одредени по претходно добро добиени информации, а секое одлагање ќе значеше нови ризици, објасни премиерот.

https://p.dw.com/p/1FNjU
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Ги имав најтешките два дена, рече премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција, зборувајќи за намерите на терористичката група да нападне цивилни и државни објекти во Македонија, шопинг-молови и спортски натпревари.
„Македонската полиција ја имаше досега најсложената, натешка и најкомпликувана операција, која беше посветено и професионално изведена и водена од раководителите на МВР. Тоа беше високопрофесионална, херојска и патриотска акција. За жал, 8 полицајци го изгубија животот. Но, со нивната храброст тие спречија убиства, можеби на 8.000 луѓе. Слава им. Нивниот патриотизам и херојство ќе биде пример на многу генерации, нивната жртва нема да се заборави. Покрај убиените, ранети се 37 полицајци, кои доцна синоќа ги посетив во скопските клиники. Најголем дел со полесни повреди, лекарите ме убедија дека набрзо ќе се вратат кај своите семејства“, рече премиерот и им оддаде признание на загинатите, повредените и сите полицајци кои учествуваа во тешката акција.
Тој упати благодарност до лекарите и медицинскиот персонал кои им помогнаа на повредените од акцијата, на градоначалникот на Куманово поради помошта која ја дал во текот на полициската операцијата и на сите граѓани на Република Македонија кои во текот на вчерашниот ден и покрај големиот гнев и болка ја задржале присебноста. На лицата чии домови беа оштетени, освен хуманитарна помош, премиерот најави дека ќе им биде даден и финансиски надоместок по проценката на штетите.
„Една е од намерите на групата сигурно беше дестабилизација на Македонија. Неопходноста и тајмингот на полициската акција беа одредени по претходно добро добиени информации, а секое одлагање ќе значеше нови ризици. Околу 30 терористи, приклештени од професионалната акција, безусловно се предадоа излегувајќи со бели знамиња. Истите се уапсени и ќе бидат изнесени пред суд. Сите што и‘ мислат зло на Македонија ќе завршат како оваа групација“, порача Груевски.
Еден час претходно, МВР соопшти дека целосно е неутрализирана најопасната теророистичка група на Балканот. Како што информираше портпаролот на МВР, Иво Котевски, во акцијата на македонската полиција биле уапсени тројца од петтемина лидери на оваа група, граѓани на Косово: Мухамед Красниќи - командант Малишева, Мирсад Ндрецај - командант Нато, Тами Укшими - командант Соколи, Беки Ризај- командант Бегу и Деме Шеху- Јунику.
„Сите петмина се поврзани со голем број терористички акции во регионот и основачи на паравоени структури. Полицијата на теренот пронашла 14 тела во униформи. Меѓу нив е и Џафир Ѓумбери од Ѓаковица. Можно е во урнатините на објектите да има уште тела на загинати униформирани лица од групата. Полицијата нема информации за загинати цивили. По куќите во кумановската населба Дива Населба пронајден е голем арсенал на оружје. Вчера на македонската полиција и‘ се предадоа триесетина терористи, македонски државјани и еден албански државјанин. Тие ќе добијат кривична пријава за терористичко загрозување на уставниот поредок на земјата“, рече Котевски.
Според досегашните сознанија на полицијата терористичката група влегла во Македонија на почетокот на мај, а планот им бил кон средината на месецот да почнат терористички напади на цивилни и државни цели. Бројот на повредени полицајци е 37.
Увидот на теренот е во тек, а дополнително ќе се идентификуваат телата во униформи. На лице место веќе е јавниот обвинител кој ќе го води случајот.
Осомничените за тероризам кои вчера и‘ се предадоа на македонската полиција во Куманово се пренесуваат во Основниот суд Скопје 1 каде што ќе дадат исказ. Судот монентално е опколен со силно полициско обезбедување. МВР соопшти дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против определен број лица, за сторено кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Казнениот законик.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Премиерот Никола Груевски ја пофали полицијата за извршената акција во КумановоФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev



Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема