Груевски останува на своето
27 август 2008Наредната недела медијаторот на ОН во грчко македонскиот спор околу името, Метју Нимиц, ќе предложи план, веројатно последен. Клучната дискусија и евентуалното прифаќање би требало да се случат кон крајот на септември во Њујорк, на Генералното собрание на ОН и тоа во трилатерална средба САД, Грција и Македонија. Тоа е наводно план на САД, Македонскиот премиер Никола Груевски меѓутоа изјави дека не е запознат со постоење наводен американски план за спорот со името.
„Не мислам дека постои било каква иднина за Македонија која би била позитивна, без влез во НАТО и тоа набрзо, изјави американската амбасадорка во Скопје, Џилијан Миловановиќ.
Таа е убедена дека спорот со Грција за името може да се реши пред истекот на мандатот на актуелниот американски претседател Џорџ Буш, но предуслов за тоа е македонското и грчкото политичко раководство сериозно да се фокусираат на решавање на проблемот.
„Прашање е дали македонското и грчкото раководство се подготвени сериозно да се фокусираат на проблемот и сериозно да бараат и да најдат компромисно решение?“, изјави Миловановиќ во прошталното интервју пред заминувањето од Македонија.