1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски и Абе договорија интензивирање на економската соработка

АТ/ миа 1 јули 2014

Македонскиот премиер Никола Груевски со неговиот јапонски колега Шинзо Абе разговараше за политичката соработка и за продлабочување на економската размена. Во фокусот беше и интензивирање на образовната размена.

https://p.dw.com/p/1CTDw
Фотографија: MIA

Република Македонија и Јапонија имаат одлични политички односи на билатерален и на мултилатерален план и двете земји континуирано ја унапредуваат соработката, констатираа на денешната средба во Токио премиерот Никола Груевски и неговиот јапонски колега и домаќин Шинзо Абе.

Според македонската владината прес-служба, соговорниците се заложиле за унапредување и продлабочување на економските односи, економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

„На средбата со јапонскиот премиер заклучивме дека политичката соработка помеѓу Македонија и Јапонија е одлична на секаков план, и на билатерален план, и на мултилатерален, преку поддршка во Обединетине Нации на различни иницијативи на двете страни со поддршка едната на другата. Практично зборувавме доста за економскиот дел, за она што вчера го презентиравме пред инвеститорите и компаниите од Јапонија. Ги објаснив предностите кои Македонија ги има за правење бизнис кај нас и заеднички се согласивме дека тоа се одлични односи и дека е оправдано нашето доаѓање за објаснување на предностите што ги даваме за инвестирање во нашата земја“, вели премиерот Груевски.

Во разговорите станало збор и за соработка во областа на образованието и културата.

По официјалната посета на Јапонија македонската владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски заминува во посета на Јужна Кореја.