1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Зад насилството на протестите стојат луѓе задоени со верски радикализам

ЕМФ/БГ/макфакс/миа11 јули 2014

Македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за втората програма на Македонската телевизија изјави дека зад насилното однесување на протестите за пресудите во случајот „Монструм“ стојат верски радикали.

https://p.dw.com/p/1CaWC
Фотографија: Petr Stojanoski

Македонскиот премиер Никола Груевски оцени дека треба многу да се внимава, затоа што, како што нагласи во интервјуто за Македонската телевизија, некои луѓе го користат етничкиот предзнак на Албанците со цел да остварат свои цели кои што никако не се цели за да им се помогне на Албанците.

„Зад насилното однесување на протестите за пресудите во случајот ’Монструм’ стојат луѓе задоени со верски радикализам“, рече Груевски и додаде дека не било случајно тоа што на протестите можеле да се видат знамиња на некои подалечни држави и извикувања на некои пароли кои директно асоцирале на тоа.

„И морам да кажам мошне вешто го прават тоа. Успеaја да убедат една поголема група граѓани Албанци коишто им се придружија во протестите, веројатно не со сомнеж кај поголемиот дел од Албанците во Македонија во смисла на овој судски процес, сомнеж дека тоа е политичка одлука, сомнеж дека зад тоа стои ВМРО-ДПМНЕ, сомнеж дека зад тоа стојам дури јас како Никола Груевски. Знаете што, да направиш чекор со којшто некого ќе го осудиш цел живот да лежи во затвор, а да е невин или да нема докази за тоа, е голем грев. Тоа не смее да му се случи никому и јас не би си го дозволил никогаш мене да ми се случи, независно дали се работи за Албанци, Македонци, за Турци, за било кои други народи, луѓе, религии и.т.н.“, рече Груевски.

Nikola Gruevski Premierminister Mazedoniens 19.06.2014
Никола Груевски оцени дека треба да се внимаваФотографија: MIA

Во вчерашното (10.07) интервју Груевски рече дека се чуствува заслужен за многу работи со кои е придонесено за подобар живот на Албанците во Македонија.

„Се чувствувам заслужен за многу работи коишто ги правев целиот овој период што е зад нас да помогнам на сите граѓани во Македонија независно дали се Македонци или се Албанци или се Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или кои било други, без разлика дали се христијани или муслимани. За мене сите се исти. Сите сме граѓани на Македонија. Сме живееле низ векови заедно, сме поминувале низ потешки периоди и низ полесни и поубави периоди и низ лошо и добро. И ќе останеме да живееме заедно. Тоа е нашата судбина. Тоа е нашата иднина“, истакна Груевски во интервјуто.

Апели за мирни протести во Македонија

Вчера, македонскиот премиер апелираше на мирни протести во врска со пресудите за случајот „Монструм“. Груевски нагласи дека се она што ќе произлезе како акт на насилство нема да биде толерирано од страна на институциите.

„Протестите се демократска придобвика и секогаш кога некој има потреба да протестира, јас тоа го поддржувам. Честопати многу луѓе и групации од различни протести придонесле за развој на некои процеси во општеството, меѓутоа не можам да поддржам, а и никој во државата и надвор од неа, не поддржува насилство. Тоа институциите нема да го дозволат“, изјави Груевски.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз вчера (10.07) ги осуди насилствата и повика на максимална, индивидуална и колективна одговорност.

„Насилството не е решение за ниту еден проблем. Ја одалечува дополнително Македонија од европските и светските вредности и нашите заеднички цели за евроатлантски перспективи“, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Protest in Skopje, Mazedonien, gegen lebenslange Haftstrafen für Albaner
Фотографија: Petr Stojanoski

Тој додаде дека секој има обврска да дејствува во насока на смирување на ситуацијата и оти не треба да потпаѓа на провокации.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) во врска со најавите на социјалните мрежи за одржување протести денеска во Скопје преку соопштение ги повика „сите граѓани да бидат мирни и да се воздржат од акти на насилство“.
„Сите граѓани имаат право да протестираат и да ги искажат своите ставови мирно, но не и да се вклучуваат во деструктивни и насилни акти. Демократската унија за интеграција ги повикува надлежните институции да се справат со овој судски случај почитувајќи ги целосно сите меѓународните стандарди“, се вели во соопштението од ДУИ.

Демократската партија на Албанците (ДПА) ги повика граѓаните да се воздржат од акти на насилство.

„Земајќи ги предвид унифицираните апели на меѓународната заедница во земјата, ги повикуваме сите граѓани да бидат смирени и да се воздржат од акти на насилство. Сите граѓани имаат право да протестираат и да ги изразат своите ставови мирно, но не и да се вклучат во насилни или деструктивни дејствија“, се наведува во соопштението.

Од ДПА ги повикуваат надлежните институции да се справат со овој судски случај почитувајќи ги целосно меѓународните стандарди.

Министерството за внатрешни работи врз основа на видео снимки, и снимките од медиумите досега идентификува голем дел од најекстремните и најагресивните насилници кои минатиот петок учествуваа во нередите во центарот на Скопје, повредија 30 полициски службеници и демолираа згради на државни институции, информираше МВР.