1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: „Единството гради иднина“

АМ/миа7 септември 2014

Во честитката до граѓаните, по повод Денот на независноста, премиерот Никола Груевски порачува дека Македонија покажа оти може да управува со сопствената судбина. За Вељаноски тоа е ден на најголема современа победа.

https://p.dw.com/p/1D8O8
Фотографија: MIA

Премиерот Никола Груевски, честитајќи го 8 Септември, порача дека тоа е празник кој претставува остварување и континуитет на трудот, вложувањата и пожртвуваноста на многу генерации граѓани кои живеат со мислата за слободна и самостојна држава, но и ден со кој се празнува и мудрата одлука на огромното мнозинство граѓани кои заокружија ДА и се определија за самостојна Македонија.

„Оваа година се одбележуваат 23 години од независноста на државата, години низ кои граѓаните покажаа зрелост, мудрост и капацитет, години на предизвици, на успеси и премрежја, но и време низ кое покажавме како држава дека умееме да се носиме со големата одговорност да се управува со сопствената судбина, и да се носат самостојно одлуки. Денес Република Македонија има цврсто зацртани цели и визија. Нашата најголема задача е да го подобриме животот на граѓаните, да отвораме нови работни места, и да придонесеме за економски развој и општествен напредок, кој државата ќе ја направи посилна, а граѓаните посреќни и сигурни“, пишува Груевски во честитката до граѓаните.

Натаму тој порачува дека „тоа е задача во која сите треба да придонесуваме, но и наша обврска за идните поколенија“. Во честитката се додава дека овој празник треба да потсетува на предизвиците кои се надминати, но и да даде сила и мудрост да се продолжи понатаму.

„Меѓусебното почитување и единството е тоа што може да не однесе понапред и кон побрзо остварување на овие наши цели, бидејќи единството гради иднина. Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но она што е најважно е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија“, истакнува Груевски во честитката по повод 8 Септември.

Trajko Veljanoski
Фотографија: MIA

Вељаноски: „Да ја воздигнеме Македонија во држава на која ќе сме горди“

И претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, од свое лично име и од името на пратениците, денеска упати најискрени честитки по повод 8 Септември.

„Одбележувањето на 8 Септември е наша заедничка можност да ги реафирмираме зедничките вредности и да ја обликуваме заедничката свест кон овој историски ден. Осми септември е денот на нашата најголема современа победа и остварување на сонот на најдемократски начин, преку референдум и решителност на граѓаните на Македонија да создадат своја независна држава, Република Македонија. Нас ни беше доверено да го реализираме стремежот на многу генерации и херои во создавањето на современа демократска држава, во која ќе има хармонија и разбирање, сплотеност и единство, визија за напредна и силна Македонија“, стои во честитката од Вељаноски.

Вељаноски натаму потенцира дека фокусот мора да биде на чување на идентитетот, културното и духовното наследство и независноста.

„Тоа е нашата морална обврска кон нашите предци, но и обврска за нашите поколенија. Јас сум уверен дека наша заедничка цел е да ја воздигнеме Република Македонија во држава на која ќе сме горди, и во која посветено ќе работиме во успешно надминување на сите препреки и предизвици кои ќе следат“, се посочува во честитката од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.