1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски го информирал Ван Ромпој за владините реформи

БГ/миа9 декември 2013

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска во Брисел се сретна со првиот човек на Европскиот Совет, Херман ван Ромпој кому му ги претставил реформските напори на неговата Влада.

https://p.dw.com/p/1AVU6
Фотографија: MIA

Според дописникот на МИА од Брисел, ЕУ останува на ставот дека треба да се надмине спорот за името со Грција за Македонија да го добие датумот за почеток на преговорите за членство.

Груевски вели дека тој го запознал неформалниот челник на Унијата со главниот фокус на македонската Влада, активните реформи и напорите за економски напредок со цел - подобрување на стандардот на граѓаните во Македонија.

„Зборувавме за реформите што ги правиме во земјата, за она што е постигнато, за проблемите со кои сме се соочувале во минатото и како истите ги решававме. Разговаравме и за оние проблеми што сега ги имаме. Се фокусирав во голем дел на многуте реформи што ги направивме, и во делот на економијата и во делот на судскиот систем и администрацијата, посебно најновиот закон што го имаме во овој дел“, вели Груевски.

„Мислам дека господинот Ван Ромпој директно од нас доби вистинска слика за она што се случува во Македонија, оти кај секој политичар овде пристигнуваат различни информации од различни страни. Ценевме дека е добро да ја слушне нашата страна, да му ги презентираме нашите аргументи, тоа го направивме, како во делот на реформите, но и во сите други области што се значајни и за кои тој пројави интерес“, додава Груевски.

Портпаролот на Ван Ромпој, Дирк Де Бакер, уште пред средбата појаснил дека челникот на Советот нема да даде никаква изјава за разговорите од средбата, ниту дека ЕС ќе излезе со соопштение за деталите од истата.