1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓанскиот сектор пред предизвик

Костадин Делимитов25 јуни 2015

Значењето на граѓанскиот сектор во услови на политичка криза во Македонија се зголемува. Колку граѓанските организации имаат реално моќ и поддршка?

https://p.dw.com/p/1Fn7F
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Граѓанскиот сектор во Македонија добива се‘ поголемо значење, но и поддршка во битката против политичките елити во земјата. Фронтот се шири, паралелно со растот на револтот кај граѓаните, кои се се` погласни во барањата за промени на политичката сцена. Фактот дека граѓанските организации ја преземаат доминантната улога во отворената битка за општествени промени ја отвора и дилемата - дали и колку од нив имаат и реална моќ, поддршка, доверба, независност, но и искрени намери во целиот овој процес. Фактот дека веќе подолг период во Македонија владее длабока партизираност во сите сфери и целосна потиснатост на граѓаните од страна на политичките елити, според упатените, ја наметнува потребата од засилена активност на граѓанскиот сектор, кој сепак се‘ уште не успева вистински да се позиционира. За реални промени, според инволвираните, клучно е граѓанскиот сектор да го промени досегашниот курс и конечно да почне да се занимава и со политиката, која не треба да се сфаќа како ексклузивно право на партиите:

„Најголемата пречка за граѓанскиот сектор да го добие вистинското место е токму тоа, политиката. Но не влијанието на политиката, туку фактот дека тој предолго не сакаше да се занимава со политика, чие пак значење е обратно од она што ние секојдневно сакаме да го разбереме како политика. Дневната политика, партиската политика не значи дека се единствените нејзини димензии. Политиката подразбира една поширока активност која им припаѓа и на граѓаните, а не само на партиите. Но добро е што конечно граѓаните тоа почнаа да го забележуваат. За жал, мал дел од невладините организации активно се вклучени во креирањето политики на локално и централно ниво. Не би рекол дека ја добиваме водечката улога, во таа смисла таа е изгубена, особено ако се има предвид дека во решавањето на актуелната криза учествуваат само партиите, а граѓанските организации немаат никаков пристап. Тоа го ограничија партиите на власт и меѓународните олеснувачи. Единствената политичка партија во Македонија која е отворена за сугестии од граѓанскиот сектор е СДСМ и тоа е добар сигнал дека една политичка партија ги отвора своите врати за соработка, но тоа не е доволно. Во однос на влијание во поширока смисла на зборот, мора да се признае дека водечка улога во тој процес презедоа студентите и другите неформални здруженија со своите активности во одредени теми, што е следење на светските трендови. Можеби за некои малку задоцнети, но сепак многу важни. Оттука, пролетта треба да им ја должиме токму на студентите, кои можеби е тешко да кажам, во едно неформално здружување успеаја да ја разбудат свеста и за тоа мора да им оддадеме признание“, смета Џабир Дерала од невладината организација Цивил.

Xhabir Memedi Deralla ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT
Џабир ДералаФотографија: Xhabir Memedi Deralla

Граѓанството се буди

Граѓанските активисти забележуваат промена на свеста кај граѓаните и тоа е клучно, но се‘ уште е мала довербата на граѓаните во невладините организации:

„Македонија има релативно здрав граѓански сектор, некои од нив се блиски до пол, партии, дел од нив се автентични и самоорганизирани. Дел од граѓанскиот сектор делува исклучиво на проекти и не сака надвор од тоа да има влијание врз јавноста, а дел пак е активен политички. Очигледно е дека капацитетот на дел од граѓанските организации е доста голем и го надминува интелектуалниот и протестниот капацитет дури и на политичките партии. Генерално, граѓаните имаат поголема доверба во граѓанските организации, отколку во одредени институции, но општо гледано таа е се‘ уште слаба. Граѓаните се пасивни, не се вклучени или воопшто малку учествуваат во активностите, работењето на граѓанскиот сектор. Факт е дека Македонија е пасивна земја, но сепак е добро што расте довербата, учеството во активностите, протестите што се организираат. Сведоци сме дека граѓанскиот сектор полека, но сигурно го буди граѓанството и тоа не само оној граѓански сектор кој гравитира кон опозицијата, туку и организациите кои имаат доста критичен став кон опозицијата. Сега ставот е отворено антивладин и тоа секогаш значи, а и се подразбира, во една демократска земја губење на власта, бидејќи не може ниту владејачка гарнитура да издржи противење на сопствената политика од повеќе центри на отпор, а не само од опозицијата. Затоа сметам дека во моментов е клучно дали и следните избори ќе бидат демократски, тоа ќе биде знак прашање“, смета Здравко Савески од левичарското движење Солидарност.

Патот е долг

Во целиот овој процес, еден од клучните предизвици, според Дерала, е и кај самите граѓански организации, кои треба да се охрабрат и докажат дека се искрени во своите намери:

„Тука треба да се менува многу, не само кај невладиниот сектор, туку и кај медиумите како специфична категорија, каде сме сведоци на една тажна и драматична ситуација. Медиумите, како и невладините организации, паднаа под влијание на политичките и другите центри моќ и ја изгубија својата улога, станаа мегафони, а не средства за информирање, промовирање на општествените вредности. Клучно е да се охрабриме, да и‘ погледнеме на реалноста во очи и да кажеме дека сме пропуштиле, да кажеме, да бидеме граѓански организации во вистинска смисла. Осознавање на состојбите, отворање на структурите кон конституентите, знаете, невладините организации не можат да бидат составени од еден или неколкумина членови кои ќе работат само на проекти, туку треба да се отворат. И ќе повторам, мора да сфатат дека тие се повикани да се занимаваат во креирање политики и активно учество во нив. Тие се лостот кој ќе им ја врати политиката на граѓаните и ќе им се препречи на партиите да ја узурпираат, како своевидна брана пред политичките партии. Тој пат се разбира не е лесен, не‘ етикетираат, дискредитираат, но тоа треба да биде само дополнителен предизвик за нас дека сме на вистинскиот пат. Да видат дека имаат сојузник, но и критичар и партиципиент во процесот“, коментира Дерала.

Studentenproteste in Skopje, Mazedonien
Студентите успеаја да ја разбудат свестаФотографија: DW/P. Stojanovski

На секоја иницијатива - контраодговор од власта

Граѓанскиот сектор, според Савески, реално има капацитети да биде предводник и покрај општата недоверба која е карактеристика за македонското општество:

„Загрижувачки е што е доминантна состојбата на недоверба кон било кој што сака да ги застапува интересите на граѓаните. Тоа треба и мора се менува, бидејќи во спротивно многу тешко ќе може да се влијае и да се дејствува во насока на промени. Граѓанските активисти треба да докажат со својата работа дека се искрени во своите намери во заштита на правата кои ги штитат. Дали тоа ќе биде доволна гаранција за перцепција дека се и искрени, не може да се каже имајќи ја предвид општата недоверба, но сепак се забележува тренд на пораст на поддршка и тоа е позитивно“, смета Савески.

Во услови на длабока политизираност и експертите сугерираат дека е потребна поголема граѓанска иницијатива и активност, но и поголем демократски капацитет кај партиските структури, што не е случај во последниве години. „Зголемувањето на бројот на граѓанските организации во последниве години досега не предизвика и видливи поместувања. Се прашувате зошто? Па нели е доволен фактот што на секоја граѓанска иницијатива за одредени промени, власта има контраодговор преку разни здруженија кои се формираат преку ноќ, како печурки по дожд. Тоа е погубно за демократијата и мора да престане“, коментира граѓански активист. Власта досега преку разни стратегии и декларации изразуваше подготвеност и отвореност за соработка и активно вклучување на невладиниот сектор во повеќе сфери.