1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема конференција за Африка во Бон

7 ноември 2005

На иницијатива на германскиот Претседател Хорст Келер на викендов во Бон се одржа голема конференција посветена на Африка.

https://p.dw.com/p/AceN
Хорст Келер со претставници од африканските земји
Хорст Келер со претставници од африканските земјиФотографија: dpa

На неа учествуваа и претседатели на повеќе африкански држави, поранешни претседатели, славни писатели, научници и новинари. Во центарот на дводневниот собир се најде прашањето: како да се создаде вистинско партнерство меѓу богатиот Запад и земјите во развој од Африка?

Рамноправен партнерски однос меѓу индустриските нации и африканските земји се‘ уште нема, покрај сите меѓународни настојувања. Но, од конференцијата што на викендов се одржа во Петерсберг кај Бон дојдоа важни импулси во таа насока, смета Претседателот Хорс Келер:

„На конференцијата јасно дојде до израз свеста дека сме упатени едни на други. На Африка и‘ треба поддршка од надвор, но и на Европа исто толку и‘ е потребна Африка и тоа од повеќе причини. Тука е на пример прашањето на миграцијата, што толку драматично дојде до израз во текот на кризата околу шпанските ексклави во Мароко, тука се проблемите со човековата околина, со болестите и епидемиите.„

Затоа е важно сите учесници на конференцијата да сфатат што подразбира вистинското партнерство:

„Овој поим мора да биде исполнет со соодветна содржина, а тоа пак подразбира претходно да најдеме заедничка основа околу тоа што подразбираме под партнерство. Сметам дека тука имаме се‘ уште многу различни замисли. Партнерство подразбира почит еден за друг, но не и потполна еднаквост. Има асиметрии, нееднаквости, но битно е да имаме заеднички интерес што не‘ поврзува. Обете страни мораат да имаат полза од партнерството„ – нагласи Хорст Келер.

Во тој контекст германскиот претседател оцени дека Западот не смее да патува во Африка со куфери полно готови одговори од напред, туку со отвореност за проблемите и желба да помогне во изнаоѓањето решенија за потешкотиите.

Нов квалитет на дијалогот меѓу Западот и Африка побара и Претседателот на Јужна Африка, Табо Мбеки:

„Сите сакаме партнерство, но зошто толку долго трае додека таа жекба вроди со соосдветни полодови? Дали е проблемот во двојните критериуми или во недоволниот напредок кај нас Африканците? Ако е така, тогаш треба да погледнеме заедно и да разговараме за проблемите!„

Тоа подразбира отворен дијалог за нерамноправните трговски односи и големи субвенции на богатиот Запад за аграрните производи на пример, еднакво како и корупцијата во африканските држави:

„Ние за прв пат си рековме: предолго ја обвинувавме нашата историја за сите проблеми. Сега дојде време да преземеме одговорност за она што сме и за нашата иднина„ – нагласи Претседателот на Нигерија Обасанхо.

Дијалогот што го поттикна Конференцијата во Бон наредните години треба да продолжи на африканска почва.