Гламурозен почеток на 59-тото Берлинале
6 февруари 2009Од синоќа , па во наредниве десет дена Холивуд е преселен во Берлин.На црвениот тепих,пред палатата на Берлиналето, во ноќта на ѕвездите, продефилираа сите оние што значат нешто во културниот и политичкиот живот на Германија: од актерска елита која ја предводеа Армин Милер Штал и Нина Хос, преку вечната рокерка Нина Хаген, до политичкиот крем - поранешниот претседател Рихард фон Вајцекер и поранешниот шеф на дипломатијата Јошка Фишер.
"
Ова Берлинале, ова 59-то Берлинале е отворено“!Вака претседателката на меѓународното жири, шкотската актерка Тилда Свинтон и директорот на фестивалот Дитер Кослик го означија почетокот на Фестивалот. Пред илјадната публика се обрати и министерот за култура Бернд Науман. Тој потсети дека филмски фестивал како Берлиналето е видлив манифест на културната разноврсност, поглед во светот на другите кој помага да се запознаат поинаквите системи и животни филозофии. Истите може да се прифатат или не, но секогаш мора крајна цел да биде толеранцијата.
Дефиле од филмови на различни теми
Филмот “Интернешенал” на Том Тиквер, кој е прикажан надвор од конкуренцијата потврди дека Берлиналето останува верно на политичките теми кои и годинава се врзани за глобализацијата. Во конкретниот случај во сферата на парите, која се поклопува со финансиската криза која го потресува светот. Акциониот трилер кој е работен по холивудски урнек имаше првични позитивни реакции од публиката.Филмскиот маратон вистински продолжува денес, а меѓу филмовите кои се на програмата со особено интересирање се очекува “Ќитачот” на Штефен Далдри во кој настапуваат Кејт Винслет и новата ѕвезда на германскиот филм Давид Крос.
До крајот на наредната недела вљубениците на филмот ќе имаат можност да гледаат над 380 остварувања во повеќе категории. За одличјата златната и сребрените мечки атакуваат 18 филма. Фаворити нема, така што сите барем психолошки стартуваат рамноправно.
Македонија со две копродукции годинава се претставува само на европскиот филмски пазар. Македонски учесник е најавен и во категоријата за млади филмаџии: Талент кампус.