1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реддит против Волстрит: Одмаздата на масите

БГ
29 јануари 2021

На американската берза се случува нешто што до темел ги потресува големите инвеститори и хеџ фондовите. Милиони „обични“ трговци организирани преку социјалните мрежи им го загорчуваат животот на големите играчи.

https://p.dw.com/p/3oZTe
GameStop Shop
Фотографија: STRF/STAR MAX/IPx/picture alliance

Приказната започна пред три недели и во неа се инволвирани три клучни актери: милиони луѓе организирани преку социјалните мрежи, големите берзански играчи и хеџ фондови (алтернативни инвестициски фондови) и компанијата за видео игри „Гејмстоп“. Суштината е праксата на големите берзански играчи да се „обложуваат“ дека акциите на одредена компанија (во случајов Гејмстоп) ќе паднат, а тие профитираат купувајќи ткн. „кусоци“ или краткорочни акции. Група заинтересирани корисници на мрежата Реддит (Reddit) во групата „wallstreetbets“ забележале дека еден хеџ фонд на големо се обложил во пад на акциите на „Гејмстоп“, па одлучиле да ја играат спротивната игра. Еден по еден, учесниците на Реддит групата ги убедувале другите корисници дека е паметно да се здружат и да купуваат колку е можно повеќе акции на „Гејмстоп“. Тоа довело до раст на цената на акциите на компанијата, а хеџ фондот кој се обложувал во спротивното започнал да губи милијарди долари. Акциите на „Гејмстоп“ пораснаа од 20 долари за акција на почетокот на јануари до рекордни 492 долари во четвртокот, пред да паднат на околу 200. Во еден момент загубите достигнале над 13 милијарди долари- повеќе од вредноста на самиот хеџ фонд. Поради тоа, хеџ фондот морал да почне да ги купува назад своите „кусоци“ за да се спаси од банкрот по што акциите на „Гејмстоп“ пораснале уште повеќе. Хеџ фондот во меѓувреме банкротираше, а милионите мали инвеститори на социјалните мрежи сега бараат други хеџ фондови на кои би им се спротивставиле, додека во истовреме го бројат профитот.
Големите берзански играчи на Волстрит сега се жалат дека ваквиот начин на јавно здружување против нив е нелегален, но берзанските контролори и институциите засега ги отфрлаат таквите тврдења.
Приказната доби „робин худовски“ димензии, па сега многумина ја претставуваат како одмазда на онеправданите 99% против хеџ фондовите, Волстрит и најбогатите 1%, кои се децении профитираат преку слични потези на слободниот пазар.

Одмаздата на масите

За корисниците на Реддит, случувањата околу „Гејмстоп“ се бунт на масите против малцинството кое го контролира светското богатство. Реддит групата наречена „WallStreetBets“ со околу 4,7 милиони корисници е местото од каде што се започна.

„Постојано гледаме како избраните 1 отсто прават билиони секоја година, дури и за време на пандемијата... наспроти милиони Американци кои остануваат без работа“, вели корисникот на Реддит „Responsible-Height77“ за агенцијата Франс прес. „Мислам дека е време да покажеме дека масите имаат право на збор и дека нашиот збор нешто значи“.

Тешкотиите со кои се соочил во 2020 го инспирирале овој 21-годишен студент да земе учество во кампањата за зголемување на цената на акциите на „Гејмстоп“ и казнување на хеџ фондовите. Обременети со огромни загуби, хеџ фондовите се жалат дека ваквите акции се нелегални и будалести.

„Морам да признаам дека е убаво да се гледа како играчите од Волстрит со долга историја на третирање на нашата економија како казино, се жалат од активностите на група собрана на социјални мрежи кои исто така ја третираат економијата како казино“, твитна американската конгресменка Александра Окасио-Кортез.

Нејзиниот коментар предизвика жестока дебата на Твитер меѓу оние кои ја поддржуваат и критичарите. „Забележувате како многумина се жалат кога правила со кои тие манипулираа се користат против нив“, напиша технолошкиот иноватор Кен Шелтон. „Ова е најдобар пример што се случува кога голема група луѓе ќе се организираат и ќе го употребат системот во своја корист“. И сенаторката Елизабет Ворен изрази слично мислење, оценувајќи дека трупањето на богатство од страна на богатите инвеститори на берзите, не ја одразува реалноста на милиони луѓе во САД. Групите на Реддит сега се охрабруваат да започнат слични кампањи и за други компании со чии акции се обложуваат хеџ фондовите, како АМЦ, Блекбери и Американ Ерлајнс.

Што се случува во меѓувреме?

Два настани се издвојуваат како интересни. Одлуката на онлајн брокерската куќа „Робинхуд“ привремено да го запре и ограничи тргувањето со акциите на „Гејмстоп“ и други компании чии акции ги купуваат малите групирани трговци, критичарите го протолкуваа како обид да се заштитат големите хеџ фондови и да им се наштети на малите трговци. Тоа доведе до пад на акциите и на брокерските куќи, но и на „Гејмстоп“.

Веќе се најавуваат тужби против брокерските куќи, а критиките на социјалните мрежи се масовни. „Вие не сте Робинхуд, вие го Ограбувате Соседството! (Nah yall ROBBING the HOOD)“, напиша еден твитерџија.

Кон критиките се приклучија и бројни водечки американски политичари, претежно од Демократската партија. „Робинхуд“ е во центарот на критиките затоа што платформата стана многу популарна меѓу младите, аматерски инвеститори, кои го користат нејзиниот едноставен софтвер, а беше и клучната платформа преку која се одвиваше операцијата за купување на акциите на „Гејмстоп“.

Trading App Robinhood
Робинхуд“ е во центарот на критиките затоа што платформата стана многу популарна меѓу младите инвеститориФотографија: STRF/STAR MAX/IPx/picture alliance

Вториот настан кој предизвика големо внимание, и критики, е вчерашната одлука на Фејсбук да ја затвори популарната група за берзански дискусии „Robinhood Stock Traders“ (Робинхуд берзански трговци). Основачот на групата вели дека одлуката е одмазда за советите да се купуваат акции на „Гејмстоп“ и други компании. Групата за дискусии имала над 157.000 членови, а била затворена од Фејсбук поради наводно нарушување на правилото за „сексуално вознемирување“. Ален Тран, 23-годишник од Чикаго кој ја формирал групата за дискусии, вели дека во неа никогаш немало сексуална содржина. Според него, ова е обид на институционалните инвеститори да ги сопрат малите трговци со акции. Фејсбук веќе еднаш ја суспендирал групата на 7 јануари, декларирајќи ја за „опасна организација“, но по жалбата, повторно ја дозволил. „Со оглед на фрустрираноста на големите институции поради успехот на трговците, тие се обидуваат да ги сопрат сите можни групи“, вели Тран.

„Ефектот Гејмстоп“

Се уште е рано да се извлекуваат конечни заклучоци, но во моментов, акциите на повеќе американски компании кон кои се насочени Реддит групите продолжуваат да растат, а берзанските гиганти и натаму трпат огромни загуби. Трендот се шири низ целиот свет. Волстрит и Европската берза веќе паднаа за 1%, а голема несигурност се забележува и на азиските берзи. Веќе се јавуваат слични групи на мали трговци организирани преку социјалните мрежи и во други земји во светот како Малезија, а темата е водечка на Јутуб, ТикТок и Твитер каде младата публика е во мнозинство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи