Германците сакаат љубовни романчиња
18 јуни 2011Сузане Лудвиг се‘ ја потсетува на нејзината стара голема љубов, на Феликс, кој навистина одамна е мртов, но таа не може да го заборави. Обвиена со тага не забележува дека во нејзина близина веќе се наоѓа и друг маж, Фабијан, кој се бори за нејзината љубов. Но, најдоцна на 64-та страница Сузане ќе ја препознае новата шанса и ќе му се фрли во прегратките, благодарејќи на Јохана Буреш, авторка на ова романче. Јохана веќе 30 години пишува љубовни и вестерн романчиња. Во меѓувреме има напишано стотици продолженија, во просек едно неделно:
„Тоа е занает што секој може да го научи. Работата функционира дотогаш додека не почне да ви пречи анонимноста и додека можете да се придржувате на правилото за хепи енд, јунаците не смеат да бидат апсолутно зли, а верските теми треба да ги заобиколувате“, објаснува авторката. Нејзините приказни дишат со акција, а пред се‘ се потпираат на дијалози.
„Најлошо што можете да им понудите на читателите се страници на кои ништо не се случува, каде јунаците на пример само размислуваат за нешто“, раскажува Јохана. Освен тоа, секоја приказна мора да има и некаков заплет, предизвик кој создава напнатост и кој попушта најдоцна на 64-та страница, значи на последната, кога следува среќен крај.
Иронија, сатира и скриени пораки меѓу редови исто така не се добредојдени во литературата која во Германија се нарекува тривијална или уште попогрдно, шунд литература. Таа овде постои уште од 18-ти век, а основни карактеристики се едноставност на изразот, јазикот кој пред читателите не поставува ниту најмали интелектуални предизвици, додека стилот секогаш мора да биде приближно ист или барем препознатлив.
Во почетокот, кога се појавија, овие романи беа печатени на обична, евтина хартија, а ги красеше најмногу една слика. Во форма каква денес се продаваат на киосците во Германија, постојат од 20-те години на минатиот век, а најголемата популарност ја достигнаа од 50-те до 70-те години.
Но, иако малкумина признаваат дека ги купуваат и читаат, нивната омиленост и денес е исклучително голема. Иако, како што истакнуваат во издавачката куќа Бастаи Либе, една од водечката во оваа барнша, тиражите на љубовните романчиња се намалени поради појавата романи во џепни изданија и се‘ поевтини книги, тие бележат годишни заработувачки од над 8,5 милиони евра.
Романчиња и за извоз
Голем дел од љубовните ромачиња и вестерн-приказните се извезува. Една од најпознатите крими-серии „Џери Котон“ веќе е преведена и објавена во Kина, додека голем број други „кримиќи“ од германски автори редовно се печатат во Белгија, Холандија, Чешка, Франција и Полска. Што се однесува на профилот читатели, во издавачките куќи велат дека уверувањето дека овие романчиња ги читаат претежно постари и понеобразовани луѓе не е точно
„Нашите романи ги читаат сите, оосбено научната фантастика и трилерите, додека вестерните се најпопуларни кај постарите мажи. Љубовните романчиња најчесто ги читаат жените и тоа на возраст од 35 до 60 години“, вели Флориан Марцин, уредник во издавачката куќа Бастаи Либе.
Лесно четиво за опуштање
Она што најмногу ги привлекува читателите на овој вид литература секако е однапред познатиот исход, се знае дека на крајот агентот Џери Котон ќе преживее, љубовната приказна ќе има хепи енд, доброто ќе го победи злото. За приказните кои можат да се доживеат во секојдневниот живот очигледно никој не е заинтересиран.
„Пред неколку години се обидовме со новата серија ’Мојот брак’. Планиравме објавување приказни во кои доаѓа до изневерување, развод, без хепи енд. Но, немавме успех. Читателите сакаат илузија и чувство на среќа“, заклучува Јохана Бурш.
Автор: Марлис Шаум/ Жана Ацеска
Редактор: Трајче Тосев