Германски топ десет
7 март 20111. Grenade - Bruno Mars
Трета недела по ред Bruno Mars ја одбрани врвната позиција на Германскиот топ десет. Неговото вистинско име е всушност Peter Hernandez, а за уметничкото име делумно е виновен неговиот татко. Тој на шега го нарекувал Bruno, во чест на еден борач, а презимето Mars дошло откако пејачот во една прилика се пошегувал дека не доаѓа од оваа планета.
2. Taken by a Stranger - Lena (новитет)
Lena неделава го скрши рекордот на германската сингловска листа - шест нејзини синглови се наоѓаат меѓу најпродаваните сто, а згора на тоа, новиот албум Good News го држи шампионското место на албумската листа. Lena годинава по вторпат ќе си ја проба среќата и ќе се обиде да ја одбрани минатогодишната победа на Евровизија.
3. Rolling in the Deep - Adele
Освен солидниот пласман на топ-листите, Adele може да се радува и на тоа што една од најголемите ѕвезди на поп-музиката во моментов, Lady Gaga, изјави дека е воодушевена од британската пејачка. „Мислам дека Adele е прекрасна и многу ме радува што постигнува толкав успех“, рече Gaga.
4. Stay - Hurts
Се чини дека членовите на бендот Hurts напорно работат на тоа да не влезат во музичката антологија како One Hit Wonder, односно состав кој успеал да објави само еден хит. Иако нивниот деби-албум Happiness го издадоа пред само половина година, дуото со полна пареа работи на песните за второто студиско остварување.
5. Higher - Taio Cruz feat. Kylie Minogue
Kylie Minogue во моментов е на светска турнеја, промовирајќи го новиот студиски албум Aphrodite. Во едно неодамнешно интервју, таа потсети дека поминале пет години, откако успешно заврши нејзината битка со ракот на дојката. Ѕвездата од Австралија нагласи дека семејството и` било најголемата потпора во „најтемните моменти“ од нејзиниот живот.
6. Born This Way - Lady Gaga
Lady Gaga неодамна одржа концерт во Торонто, каде специјален гостин на сцената и` беше Maria Aragon. Талентариното десетгодишно девојче објави видео на YouTube, на кое ја пее песната на Lady Gaga. Пејачката била толку трогната, што ја поканила Maria во дует да ја испеат Born This Way во Торонто.
7. F**kin' Perfect - Pink (новитет)
При подетално анализирање на текстот од песната, се доаѓа до заклучок дека не е толку површинска, како што би можело да се заклучи по насловот. Напротив, целта на Pink била да им ја зголеми самодовербата, претежно на младите луѓе. Таа, во меѓувреме, е во очекување на принова.
8. Coming Home - Diddy-Dirty Money
P. Diddy во април треба да настапи на американското шоу за таленти American Idol, каде покрај тоа што ќе изведе хитот Coming Home, ќе биде ментор на учесниците и ќе ги облече во својата модна линија. Освен тоа, P.Diddy истакна дека се радува што повторно ќе се сретне со својата поранешна девојка Jennifer Lopez, која а ангажирана како дел од жирито во шоуто. „Одлична е, мислам дека донесе свежина во емисијата“, истакна раперот.
9. We are the People - Empire of the Sun
Empire Of The Sun неделава на само чекор пред излегување од најдобрите десет во Германија. Нивниот хит We Are The People бележи пад од три позиции и се пласира на деветтото место.
10. Hey (Nah Neh Nah) - Milk & Sugar vs. Vaya Con Dios
Зад двоецот Milk & Sugar стојат продуцентите и долгогодишни пријатели Michael Kronenberger и Steffen Harding, стационирани во Минхен. Тие работат заедно уште од 1993 година под различни имиња, а меѓу нивните поголеми хитови спаѓаат Let The Sunshine In и You Got Me Burnin`.
Автор: Media Control GfK/Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска