Германските градови со празни каси
21 мај 2011Двапати годишно во Германија се среќава т.н. работна група за даночни прогнози. Секоја пролет и есен, експертите од федералните, покраинските и локални власти, економските институции, Бундесбанката и Сојузна завод за статистика, пресметуваат каков приход може да се очекува во наредните години.
Со оглед на добрите економски перформанси се очекува и значително зголемување на даночните приходи: Зборуваме за 19 милијарди евра само оваа година и до 135 милијарди евра до 2014 година. Но, и покрај ваквите прогнози, градските каси зјаат празни.
Речиси една милијарда евра изнесува буџетскиот дефицит на Менхенгладбах. Долгот во овој град во западна Германија кој има 260.000 жители, е вртоглаво висок. И тој предизвикува големи главоболки за Градскиот совет, потврдува советникот Фред Хендрикс:
„Имаме над 800 милиони евра кредити. Станува збор за кредити кои се јавуваат кога ќе се мине дозволената граница, како кога приватните лица кои веќе немаат пари на сметка, кај банките се задолжуваат преку диспо-кредитите. Тој кредит во Менхенгладбах изнесува над 800 милиони евра. Тоа значи дека ние се‘ повеќе се приближуваме кон ситуација во која нема да можеме да функционираме“.
Во долгови „до гуша“
Како последица на тоа, во финансиска смисла градот е во „долгови до гуша“, вели колегата на Хендрикс од градскиот совет, Карл-Хајнц Шифер:
„Долговите, всушност, ни‘ се стигнати речиси до носот. Врз основа на бројките уште сега може да се предвиди дека до 2014 или 2015 година, ќе стигнеме до точката на која со закон сме обврзани да кажеме - општината е банкрот“.
Обврските засега се исполнуваат со нови кредити. Но, сè што не е апсолутно неопходно, и не е баш неопходно за општината, градот ќе мора да го ликвидира. Членот на Советот Франк Бос вели:
„Постојат многу волонтерски активности, преку кои ние во градот штедиме. Затворивме многу базени, а ќе мораме и понатаму да затвораме. Игралишта исто така треба да се затворат. Се исполнуваат обврските. На пример, мораме да ја исполниме стапката за згрижување на деца под три години. Но сето тоа е поврзано со голем финансиски напор и функционира само тогаш кога ќе се откажеме од нешто друго. Застојот во инвестициите е драматичен“.
Јавните добра се сериозни загрозени
Ваквата состојба нема да се промени во блиска иднина, и покрај тоа што прогнозите за даночниот приход воопшто не се лоши, па дури и покрај тоа што во иднина, Менхенгладбах, поради подобрените економски резултати, ќе располага со повеќе приходи од корпоративен данок. Тоа е така затоа што Менхенгладбах е структурно лошо поставен град. До денес градот не успеа да се опорави од пропаста на текстилната индустрија.
„Јавните површини, парковите, фонтаните, зеленилото, се‘ е под знак прашалник. Ние правиме се‘ што можеме, но опциите се ограничени. Корпоративниот данок влегува во даночните приходи на градот, но тој е зависен од економските движења. И затоа е тешко да се планира на долг рок“, вели Франк Бос.
Капак на лошата состојба би било евентуалното испаѓање на локалниот фудбалски клуб Борусија, во втората германската фудбалска лига. Тоа би придонело за дополнително влошување на финансиите, затоа што фудбалскиот клуб е важен економски фактор.
„Овој клуб има силна идентификација со градот, но и во рамки на целата држава. Многу посетители доаѓаат поради клубот. Тоа им носи промет на рестораните и хотелите. И доколку клубот испадне од првата Бундеслига, тоа ќе донесе значителна економска штета за градот", објаснува Бос.
Автор: Кнут Бауер/Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска