1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска иницијатива „Да купуваме од Балкан“

Азер Слањанкиќ/Ж. Ацеска9 ноември 2015

Иако Балканот изминатите месеци беше споменуван во врска со бранот бегалци, владата во Берлин зад кулисите вложува напори за економско опоравување на регионот. Директните средби на стопанствениците веќе вродија плод.

https://p.dw.com/p/1Gyur
Фотографија: BME

„Откривме целосно нови можности за развој на нашите бизниси“, вака гласи една од реакциите на бројните германски стопанственици кои се дел од иницијативата за набавување производи од Балкан (Einkaufsinitiative Balkan). Иницијативата е покрената како резултат на минатогодишната Конференција за Западен Балкан во Берлин, а нејзини творци се германското Здружение на логистика и фирми за набавка БМЕ, Германската стопанска и трговска комора ДИХК и владата во Берлин.

Целта на иницијативата е директно спојување на производителите од регионот на Западен Балкан со потенцијалните купувачи, односно фирми од Германија. Така, во јуни во Минхен беше одржана и посебна конференција на која БМЕ организираше над 400 директни разговори „во четири очи“ меѓу потенцијалните партнери. На одвоени состаноци, пред 22 потенцијални партнери од Германија, се претставија речиси сто избрани фирми од подрачјето на Западен Балкан. Во изминатите неколку месеци тие фирми од Србија, БиХ и Хрватска добија 170 конкретни барања од германски купувачи.

„По извесен период и анализи, можеме да кажеме дека иницијативата е голем успех“, вели Олаф Холцгрефе од здружението БМЕ. Тој нагласува дека веќе се склучени зделки во износ од неколку стотици илјади евра. „Фирмите од Балкан кои се појавија на Конференцијата, беа одлично подготвени. Некои нивни претставници зборуваа германски и нашите стопанственици беа пријатно изненадени. Посебно добар впечаток оставија претставниците од државата на која никој сериозно не сметаше-станува збор за БиХ. Таа држава има поголем потенцијал отколку што било кој очекуваше.“

Холцгрефе истакнува дека потенцијали постојат во сегментите каде е потребно извршување техничка обработка на материјалите, првенствено во метало-преработувачката индустрија. Германската автоиндустрија се разбира е голем потенцијален купувач, но во овој момент постојат пореални цели. „Шансата е соработка со средно големи германски фирми, во инвестиции во развојот на нови сегменти на производство, во вложувања во квалификација на сопствената работна сила и во изучување на одредени производни процеси.“

Westbalkan-Konferenz Bundesverband Materialwirtschaft EINSCHRÄNKUNG
Спојување на потенцијалните стопански партнери од Германија и БалканФотографија: BME

„Пречки има помалку отколку што се мисли“

Меѓу оние кои пронајдоа начин за соработка е и фирмата „Masterwerk GmbH“ од Минхен, чиј сопственик е Муамер Бабајиќ. Оваа фирма се занимава со конструкција и изработка на делови за автомобилската и машинската индустрија, како и роботиката. Тој по Конференцијата во Минхен веќе договори зделки со фирми од Србија, а преговорите со фирми од БиХ се се‘уште во тек. Бабајиќ тврди дека можностите за стопанствениците од регионот се многу поголеми отколку што тие мислат. Кога е во прашање купување опрема, производство и трансфер на знаења, граници не постојат.

„Не смее да се инвестира исклучиво во машини. Многу битен е и трансферот на ноу-хау, односно знаење. Треба да се биде реален, војната донекаде не‘ уназади. Значи, во овој момент треба да го работиме тоа што можеме, но и да размислуваме за чекор натаму. Сепак, понекогаш имам впечаток дека луѓето сакаат преку ноќ да постигнат некои цели и да се мерат со претпријатија од равиените држави. Мораме реално да ги проценуваме сегашните можности“, укажува Бабајиќ.

Westbalkan-Konferenz Bundesverband Materialwirtschaft EINSCHRÄNKUNG
Олаф Холцгрефе од здружението БМЕФотографија: BME

Тој и неговата фирма веќе работат на трансфер на знаење во регионот. Со една германска агенција, блиска до германското здружение на стопанственици и германското Министерство за развој, моментно се преговара за подршка за воспоставување центар за обука за работа и програмирање индустриски роботи во Тузла.

Почитување на договорот

Најбитна работа е производителите од регионот да ја стекнат довербата на германските купувачи. Мора да се почитува бараниот квалитет, бараните процеси и рокови. Без доверба нема работа, нагласува Бабајиќ. „Тоа е многу подобро отколку она балканското: „Ајде, може да пројде, што нас често многу скапо не‘ чини“.

Westbalkan-Konferenz Bundesverband Materialwirtschaft
Муамер БабајиќФотографија: DW/A. Slanjankic

Балкан може да земе дел од колачот на Кина

И Бабајиќ и Холцгрефе тврдат дека регионот на Западен Балкан има шанса да преземе дел од договорите кои моментно Германците ги имаат со производители од Азија. Географски се блиску, културите се исто блиски, а она што недостасува се константа во квалитетот и деловноста. Не е можен продор на пробирливиот германски пазар, а да се нема барем интернет страница на германски или англиски јазик. Холцгрефе истакнува оти економската соработка е најдобрата помош за регионот кому итно му требаат нови работни места.

„Работа од неколку стотици илјади евра носи работни места, внесува пари во јавните каси. Имајте на ум дека германските фирми по правило, кога со некого ќе воспостават соработка, неа и ја продолжуваат. Ако некое претпријатие од Балкан има квалитет и во него се има доверба, тогаш може да се потпре на партнерот од Германија. Германските фирми освен тоа радо ги пренесуваат знаењето и технологијата кои ги имаат за себе си да си обезбедат партнери за во иднина“, вели Холцгрефе.

Во БМЕ имаат намера да продолжат со поврзување на стопанственици од Германија и од Западен Балкан. Нови директни средби од оваа иницијатива се планирани веќе за овој месец во Берлин, но и за следната 2016 година.