1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се залага за реформи на ОН

13 октомври 2010

Германија се избори за местото непостојана членка на Советот за безбедност на ОН. Политичарите се задоволни од исходот на гласањето во ОН и на него гледаат како на прв чекор во битката за постојано членство во Советот.

https://p.dw.com/p/Pd4Q
Министерот Гидо Вестервеле во ОНФотографија: picture alliance/dpa

Официјален Берлин успеа да го излобира членството во Советот за безбедноста на ОН во следните две години. Германија се натпреваруваше со Канада и Португалија за двете отворени места за Западните држави, и успеа да го обезбеди потребното мнозинство од 127 гласови уште по првиот круг гласање. Успехот се гледа како прв чекор во битката да се обезбеди постојано место во 15-члениот Совет.

Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле изрази задоволство од исходот на гласањето оценувајќи дека тоа е знак на доверба кон Германија. „Задоволни сме што се поддржани нашите заложби за мир и безбедност, за развој и контрола на климатските промени, за разоружување и што нашата надворешна политика сега ќе може уште посилно да продолжи во Советот за безбедност“, изјави Вестервеле.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека изборот на Германија како ротирачка членка во Советот за безбедност на ОН е чест и обврска заедно со другите земји да бара решение на конфликтите и да се грижи за поголема безбедност во светот. Освен тоа, Германија сака да придонесе во напредувањето на реформите на Светската организација и нејзиното највисоко тело.

Германија и Индија инсистираат на промени во Светската организација

Guido Westerwelle bei der UN
Ротирачко место за Германија во Советот за безбедност на ОНФотографија: picture alliance/dpa

Дел од тој придонес е и барањето за промени во структурата на Советот за безбедност. Германија веќе подолго време инсистира да добие постојано место во најмоќното тело во светската политика, каде веќе повеќе од шест децении постојано седат единствено САД, Велика Британија, Русија, Кина и Франција. „Каква е улогата на Германија? Ние се залагаме за рамнотежа во светската архитектура. Сметаме дека Латинска Америка, Африка и Азија се недоволно претставени во структурите на ОН и Германија сака тоа да го промени“, рече Вестервеле.

Индија, исто така, веќе подолго време инсистира на промени во Светската организација поради нејзиниот растечки статус во Азија, а слично барање најавува и Бразил. Канцеларката Меркел повтори дека реформите на Советот за безбедност ќе бидат клучната задача на нејзината администрација. „Тоа се очекувањата кои ги делат многу луѓе низ целиот свет“.

Автор: Борис Георгиевски/ Лена Бодевајн

Редактор: Александра Трајковска