1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија очекува зголемување на бројот на баратели на азил

АТ/ кна/епд/вамс18 мај 2014

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие очекува оваа година значително да се зголеми бројот на бегалците во Германија. Министерот ја отфрла критиката за планираната реформа на правото за азил.

https://p.dw.com/p/1C1yu
Фотографија: picture alliance / ROPI

„Ако продолжи ваквиот развој, во 2014 година сметам на околу 200.000 баратели на азил“, вели германскиот министер за внатрешни работи за весникот „Велт ам зонтаг“. Порастот се должи и на состојбата во Сирија, каде се води граѓанска војна, и каде е тешка состојбата на бегалците, вели министерот. „Политиката не треба да молчи, туку треба да делува“. Според проценките на министерот за внатрешни работи би можело да се случи во Германија да побараат азил и многу повеќе од 200.000 луѓе, бидејќи во оваа бројка не се вклучени развојот во Европа и во Африка.

Реформата на правото на азил уште пред летната пауза?

Министерот ги брани и своите планови за реформа на правото на азил, која наиде на голема критика кај партијата на Зелените како и во редовите на коалициониот партнер СПД. Обвинувањето за заострување на правото било бесмислено. „На нашиот коалиционен партнер му советувам, малку попрецизно да го прочита предлог законот“. За деталите меѓутоа секогаш може да се зборува, вели Де Мезие. Сепак тој смета дека предлог законот ќе се најде на седница на владата уште пред летната пауза. Германија била обврзана на либерална, хуманитарна политика за бегалци.

Бројот на барателите на азил од Балканот малку намален

Германскиот министер за внатрешни работи има намера да ги стави на листата на сигурни земји Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Луѓето од трите балкански земји во тој случај со забрзана постапка за азил ќе можат да бидат полесно и побрзо протерани. Причина за оваа мерка е растечкиот број на баратели на азил од балканските држави.

Во измината година, според податоци на Сојузната служба за миграција и бегалци азил побарале околу 127.000 лица. На листата на земјите на потекло по Сирија следуваа Србија и Авганистан. Две години претходно во Германија беа регистрирани 53.000 баратели на азил. Во април годинава бројот на баратели на азил од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина повторно малку се намали.