1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина и теророт се приоритети

СН/дпа/велт/тш2 јануари 2016

Од 1 јануари 2016 , Германија го презема претседателствувањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Кои се можните предизвици кои ја очекуваат Германија на оваа функција?

https://p.dw.com/p/1HX57
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Klamar

Според наводите на весникот Велт, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер најави дека тежишта на германското претседателствување со ОБСЕ ќе бидат кризата во Украина, борбата против тероризмот и залагањето за почитување на човековите права. Весникот ја пренесува изјавата на министерот за германската новинска агенција ДПА дека во овие бурни времиња ОБСЕ во Европа е попотребен од кога било порано. „Во наш заеднички интерес е и натаму да го зацврстуваме ОБСЕ како форум за дијалог и како мост меѓу истокот и западот“, ги пренесува Велт зборовите на Штајнмаер.

Весникот натаму наведува дека партнерските земји речиси во последен час во четвртокот се договориле за буџетот на ОБСЕ за 2016 година. „ Тој изнесува 141,1 милион евра и со тоа останува на минатогодишното ниво. Набљудувачката мисија во источна УКраина се финансира од посебен буџет за кој сѐ уште не е одлучено. Поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер ја повика германската влада поинтензивно од досега да го косисти ОБСЕ за пронаоѓање решение за кризата во Украина. Осврнувајќи се на тој конфликт Геншер во изјава за Велт предупреди: Политичката клима во Европа повторно сѐ посилно се труе со трагите од една нова Студена војна“.

Ukraine Russland Krise OSCE Beobachter
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Filippov

Организација создадена среде Студената војна

Интернет порталот на германскиот јавен сервис Тагесшау истотака потенцира дека на ОБСЕ со Германија на чело му претстојат тешки задачи. Најавено е дека оваа организација би требало посилно да се позиционира по прашањата на толеранцијата, медиумските слободи и правата на малцинствата, и оти би требало да ги наведе дефицитите по овие прашања во земјите-членки.

Тагесшау натаму се осврнува на создавањето на ОБСЕ, наведувајќи дека таа организација настанала среде Студената војна во 70-те години од минатиот век. За да ја поштедат Европа од војна, Истокот и Западот на „Конференцијата за европска безбедност и соработка“ (КЕБС) се договорија за придржување кон одредени темелни принципи „ Во тоа спаѓаат одрекувањето од насилство, територијалниот интегритет, неповредливоста на границите и немешање во внатрешните работи на државите-членки. Постигнати се и договори за контрола на вооружувањето како ин за воената транспарентност и разоружувањето. И по завршувањето на Студената Војна, организацијата продолжи да се развива а во 1994 година од Конференцијата за европска безбедност и соработка настана Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)“.

Кризата во Украина како катализатор за заживување на ОБСЕ

Ukraine, OSZE Beobachter
Фотографија: picture alliance/Pacific Press/S. Kharchenko

Државите- членки се обврзаа дека нема да ги следат сопствените интереси на штета на другите држави во ОБСЕ, пишува натамун Тагесшау и додава дека всушност се случило токму спротивното: „ По должина на старите линии на раздвојување се појавија нови тензии, овојпат со многу држави од поранешниот Варшавски пакт а денес на страната на НАТО. 'ОБСЕ од почетокот на новиот милениум доживува ерозијја на придржувањето до обврските', резимира една дипломатка од германското министерство за надворешни работи. Таа наведува дека кризата во Украина делувала како катализатор за зажувување на ОБСЕ, бидејќи во принцип организацијата располага со инструменти за смирување на насилни судири. Русија е членка на ОБСЕ, исто како и САД. Меѓутоа за да биде делотворен ОБСЕ мора да биде зајакната како организација', пишува Тагесшау, истакнувајќи дека ситуацијата во моментов е таква што поединечни земји-членки се многу оддалечени едни од други, и тоа во толкава мерка што не можеа да се согласат ниту за заедничка интерпретација на случувањата во последните 25 години. „Со други зборови пред Германија како нов претседавач со ОБСЕ стои огромната задача да создаде нова доверба и на тој начин да ја направи Европа побезбедна“, пишува Тагесшау.