1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

290409 Steinmeier Afghanistan

30 април 2009

Посетата на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во Авганистан е засенета од два напада во близина на базата на германските војници во Кундус. Нападите нема да ја спречат германската помош.

https://p.dw.com/p/Hgqa
Франк Валтер Штајнмајер и Хамид КарзаиФотографија: AP

Во регионот на Кундус за само неколку часа се случија два напада. Во вториот, околу 19 часот по локално време, патрола на германски војници наишла на заседа и врз неа е пукано со рачно оружје и противтенковски минофрлач. При престрелката загинал еден војник, а четворица се полесно повредени. Само неколку часа претходно, непосредно по пристигнувањето на Штајнмајер во Авганистан, нападната беше друга патрола германски војници. Атентатор-самоубиец се кренал во воздух со автомобил-бомба, и притоа се полесно повредени петмина војници.

Министерот Штанјмаер по вториот напад, изјави:

„Најостро го осудуваме нападот, кој е кукавички и подмолен и кој покажува дека непријателите на мирниот развој на Авганистан не се воздржуваат и од вакви грозоморни злосторства.“

Symbolbild Bundeswehr Afghanistan

Помош во обуката на полицијата и армијата

Според Штајнмајер, Германија нема се откаже од ангажаманот во Авганистан и и натаму ќе му помага во развојот. Германија има намера да стори повеќе за обука на полицијата и армијата, за полека да може да биде предадена одговорноста за безбедноста на земјата во рацете на Авганистанците.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, по разговорите со Штајнмајер, нагласи дека Германија, во истражувањата на јавното мислење околу веродостојноста на меѓународните мисии, стои многу добро:

„61 процент од Авганистанците се радосни поради германската помош и се пријателски настроени кон Германија“, ги цитираше Карзаи резултатите од анкетите.

Очекувања за помош од соседот Пакистан

Сојузниот германски министер за надворешни работи многу очекува од средбата на Карзаи со неговиот пакистански колега во Вашингтон, која треба да се одржи за неколку дена. Пакистан би морал да стори повеќе за запирање на напредувањето на Талибанците. Без напор на соседната земја, и успехот на германскиот ангажман ќе биде ограничен:

„Претседателот на Пакистан најави офанзива во наредните 24 часа. Ќе видиме дали тоа и ќе се случи. Но, тоа ќе биде предмет и на трилатералните разговори во Вашингтон и се надевам дека ќе претставува повторен почеток на трајни и редовни политички разговори меѓу Авганистан и Пакистан. Само на тој начин може да биде постигнато решение.“

Автор: Ева Корел/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска