Германија законски ќе го регулира ритуалното обрежување
13 јули 2012Германската влада соопшти дека ќе преземе чекори за да го заштити правото на Евреите и Муслиманите во земјата да практикуваат обрежување на децата. Прастарите религиозни обичаи не смеат да бидат ограничени, изјави портпаролот на владата Штефен Зајберт во Берлин. „Знаеме дека е неопходно брзо решение“, изјави Зајберт и дополни дека канцеларката Ангела Меркел е загрижена поради одлуката на судот во Келн да го прогласи религиозното обрежување за криминален акт. Обрежувањето мора да остане постапка која не се казнува.
Министерката за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер исто така смета дека е потребно да се преземат законски мерки, според кои ритуалното обрежување ќе биде неказниво дело. Портпарол на министерството за правда соопшти дека се разгледуваат соодветни законски иницијативи.
Дебатата ја предизвика пресудата на покраинскиот суд во Келн, кој обрежувањето од религиозни причини го оцени како казнива телесна повреда. За тоа не е доволна ниту согласноста на родителите, бидејќи тоа не е за доброто на детето. Неговото тело со обрежувањето кое се практикува во исламот и еврејството „се менува трајно и непоправливо“. Пресудата беше донесена откако се појавија компликации по обрежувањето кај едно муслиманско момче.
Ваквата пресуда меѓутоа наиде на жестока критика кај мулсиманските и еврејските организации. Православните рабини силно се спротивставија на пресудата. Со неа била загрозена егзистенцијата на еврејската заедница во Германија, оцени европската рабинска конференција. Исто така и муслиманските здруженија остро ја критикуваа пресудата.