1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го призна Косово

20 февруари 2008

Одлуката, која ја донесе владата, формално ќе стапи на сила со потпис на претседателот Хорст Келер на дипломатската нота за признавање. Се очекува нотата веќе денеска да отпатува за Приштина.

https://p.dw.com/p/DAK7
Се чека само потписот на КелерФотографија: picture-alliance/ dpa

Кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел донесе одлука да го признае Косово како независна држава. Веста ја соопштија владини извори, а се очекува таа официјално да биде потврдена по завршувањето на седницата која се уште е во тек. Владиното решение е последниот чекор потребен за германскиот претседател Хорст Келер да ја потпише нотата за признавање на новата држава, која како што се дознава од претседателскиот кабинет, уште денеска ќе му биде испратена на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу. Во нотата ќе има и понуда - двете земји веднаш да воспостават дипломатски односи.


Бундестагот ќе расправа за иднината на Косово


Иако одлуките за признавање на новите држави во Германија се од извршен карактер и за нив не е предвидено да расправа или да даде согласност парламентот, Косово е сепак денеска тема во германскиот Бундестаг. Пратениците ќе дебатираат околу иднината на новата балканска држава. Инаку по објавувањето владината вест, први се огласија од партијата на германските зелени. Тие го поддржуваат владиниот курс за ова прашање. „За нашата парламентарна фракција признавањето е логична последица на развојот на настаните“,“ изјави лидерот на фракцијата Фолкер Бек. Тој додаде дека меѓународните организации сега мора да сторат се за да се обезбеди мирен и слободен развој на Косово. Во досегашната дебата за признавањето на Косово, против се изјасни само опозиционата Левица. Според нив со ова се крши меѓународното право и светскиот поредок на суверените држави воспоставен од ОН, а сметаат и дека со Косово се отвора вратата за јакнење на други сепаратистички движења во светот.