1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гевгелија- симбол на немоќта

Б. Георгиевски/тац/зц18 август 2015

Очајни бегалци и немоќни локални власти. Ова е накусо описот на состојбата на бегалската криза на Балканот кој го објавува „Тагесцајтунг“. Печатот ја анализира состојбата и во другите земји во регионот

https://p.dw.com/p/1GH3V
Фотографија: Reuters/S. Nenov

„Тагесцајтунг“ во денешното издание ја опишува рутата по која се движат бегалците низ балканските земји, од грчко-македонската граница на југ, до српско-унгарската на север, и проблемите со кои притоа се соочуваат.

„И покрај општата конфузија, може да се препознае некаков систем: до три возови дневно поаѓаат од железничката станица во Гевгелија, и преполни се со бегалци кои од Сирија, Авганистан и Ирак преку Турција Грција илегално доаѓаат тука.
Граничните полицајци набљудуваат додека голем број луѓе се качуваат во возот кој за 10 евра ги превезува до Табановце на српската граница. Откако ќе пристигнат таму, им покажуваат во кој правец да продолжат кон Србија- и тие едноставно маршираат.

Мотото гласи: што побрзо да им се овозможи на бегалците да го продолжат патот. Сите, кои илегално влегле во земјата, практично се поттикнуваат да ја минат илегално и српската граница.

Обидот, да се воведе ред во бегалскиот хаос, одамна престана. Теоретски, треба да се поделат дозволи за престој за период од 72 часа. Но, при прилив од околу 2.000 илегални премини на границата дневно, тоа едноставно не е можно.

Гевгелија е симбол за очајот на бегалците, и за немоќта на локалните власти на Балканот. Пред неколку дена дојде до жестока тепачка за места во возот кон Србија: со ножеви и палки во рацете успеаја само најсилните.

Децата се фрлаа низ прозорците во вагоните, па истите повторно беа фрлани назад, доколку родителите останале надвор. Вресоци, солзи, повредени.

(...) Следната станица на „балканската рута“ е Белград. Таму сцените од страдањата на луѓето се слични на оние од балканските војни. (...) Илјадници спијат во шатори, во вреќи за спиење или на тревници. На дрвјата се сушат алишта. Откако ќе се разбудат, луѓето тргнуваат во потрага по вода и леб. (...) Српските власти се исто толку оптоварени со масата бегалци како и македонските. Во Министерството за внатрешни работи велат дека од почетокот на годината повеќе од 90 илјади бегалци минале низ земјата. Македонија и Србија и самите се соочуваат со невработеност од 40, односно 30 проценти и длабока социјална мизерија. Без голема помош од ЕУ и од ОН, состојбата лесно може да излезе од контрола.

(...) Од Белград бегалците го продолжуваат патувањето кон Суботица на унгарската граница. И тука има привремени провизорни кампови, се спие по паркови, шуми и напуштени фабрики.

(...) Ноќе можат да се забележат помали или поголеми групи кои пеш се движат кон унгарската граница. Некои успеваат да воспостават контакт со унгарските шверцерски банди преку лица за врски. Оној кој останал без пари, мора сам да си ја побара среќата. Повеќето сакаат во Германија, „посакуваната земја“. И покрај зајакнатите гранични контроли, се уште има дупки.

Но, што ќе се случи кога „унгарскиот ѕид“ ќе биде подигнат? Најпрво ќе дојде до блокада на бегалците во Србија, предупредуваат експертите. Но потоа ќе се копаат тунели, оградата ќе се сече. Бегалците ќе одат по подолги и поскапи рути, преку Босна и Хрватска, или Романија и Бугарија. Никаков ѕид нема да го спречи очајот на луѓето“, заклучува „Тагесцајтунг“.

Mazedonien Gevgelija Bahnhof Flüchtlinge Kinder
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Демократии со фуснота

„Зиддојче цајтунг“ ја анализира најавата на германските власти за прогласување на уште три земји од Балканот: Албанија, Косово и Црна Гора, за ткн. земји со сигурно потекло. Во пракса тоа ќе значи дека барањата за азил за граѓаните од овие земји во иднина ќе можат експресно да бидат отфрлани.

(...) Од јуни 2014 Албанија е кандидат за членство во ЕУ, а од септември на власт е Еди Рама со неговата Социјалистичка партија. Оттогаш борбата против организираниот криминал и екстремната неверодостојност на судскиот систем зема замав, но се уште постојат области во кои владее беззаконие“.

Како пример за таквото беззаконие во Албанија, „Зиддојче цајтунг“ ја наведува крвната одмазда, вековната традиција поради која „на најмалку 1.500 млади луѓе во земјата им се заканува смрт“.
(...) Комитетот за национално помирување проценува дека од 1991 година досега околу 10 илјади луѓе биле убиени поради крвна одмазда“.

Косово „земјата со околу 1,8 милиони жители е лошо раководена, корумпирана и сврталиште на организиран криминал. Притоа, процесот на помирување со Србија започнат од ЕУ во 2013 година, како ни мисијата на ЕУ- Еулекс, не променија многу.

Најголемиот проблем на младата држава со нејзиното брзо растечко население е всушност поинаков: недостасуваат работни места. Повеќе од половината млади Косовци не можат да најдат работа. Економската мизерија тера десетици илјади кон Германија“.

(...) Кандидатот за членство во ЕУ, Црна Гора со сигурност не е европски пример за демократија. Кланот околу премиерот Мило Ѓукановиќ владее со малата балканска земја корумпирано и често недемократски. Изборите масовно се манипулираат, последен пат парламентарните избори во 2013 година. Опозицијата, новинарите и граѓанските активисти се соочуваат со проблеми“, пишува „Зиддојче цајтунг“.