Гаук е избран за нов германски Претседател
18 март 2012„Колку убава недела“, со овие зборови новиот германски Претседател го започна говорот пред делегатите, по соопштувањето на резултатите за победа во првиот круг на гласањето. Новоизбраниот Претседател сака да помогне да се намали јазот помеѓу политиката и луѓето. Народот во Источна Германија за првпат можеше слободно да гласа на избори пред 22 години. Гакук рече дека во тоа време се заколнал – „никогаш нема да пропуштам избори“. Гаук рече дека мандатот ќе го искористи да работи против политичката апатија, а дека на тоа го поттикнува подршката од бројни граѓани да ја прифати кандидатурата за Претседател. „Со сите сили и со целото срце ќе кажам ДА на одговорноста што денеска ми ја дадовте“, рече Гаук.
Според уставот Претседателот се избира на 5 години. Претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт на отворањето на Сојузното собрание рече дека „политичката реалност треба да се донесе што поблиску до уставната норма“. „Според германскиот Устав би требало сојузниот Претседател да се избере за петгодишен мандат, а тоа така треба и да остане“, рече Ламерт, кој со своите забелешки на моменти ги засмејуваше делегатите во Собранието. Во исто време, тој индиректно ги искритикува медиумите за поврзаност со оставката на Кристијан Вулф.
„Тоа што растојанието во последно време стана пократко, никој нема да го земе како некое достигнување“, рече Ламерт алудирајќи на повлекувањата од функција на Хорст Келер и Кристијан Вулф. Како и да е, тој укажа дека предвременото менување на функцијата не претставува криза во државата, но исто така ниту прашање на рутина.
Парламентарните групи утрово се сретнаа во Берлин за уште еднаш да се подготват за гласањето на нивниот фаворит или фаворитка за претседателската функција. Состанокот беше за да се потврди дали се присутни сите членови на т.н. Сојузно собрание. Тоа е составено од членови на Бундестагот – 620 на број, но и од еднаков број на делегати кои се одбрани од покраинските парламенти. Меѓу избраните 1.240 делегати има и познати личности, како актери, режисери, комичари, писатели, новинари и поранешни спортисти.
Пораки до Гаук да не се промени
Изборот за Претседател на 72 годишниот теолог Гаук, кој не е член на ниту една партија, беше очекуван, бидејќи зад него застанаа партиите ЦДУ, ЦСУ, ФДП, СПД и партијата на Зелените. За победа во првиот круг од гласањето на Гаук му беше потребно освојување на апсолутно мнозинство, или 621 глас. На 73 годишната Беате Кларсфелд, кандидатка на Левицата и позната по нејзината борба против фашизмот, од старт не и’ се препишуваа шпанси за победа. Сепак, таа успеа да добие 3 гласа повеќе од бројот на пратеници од Левицата во Бундестагот. Делегатите му порачуваат на новиот претседател Гаук да не се промени на функцијата.
„Му посакувам да остане таков каков што е“, рече премиерката на Северна Рајна Вестфалија Ханелоре Крафт од СПД.
„Мене веќе од пред две години ми е јасно, ако гласам овде, дека ќе го одберам Гаук. Му посакувам да го задржи извонредниот хумор“, рече филмскиот режисер и делегат во Сојузното собрание Зенке Вортман.
„Со сигурност дека нема да биде здодевно со него. За претседателствувањето можам да замислам еден наслов – одлучувачки не е од каде се доаѓа, туку кон што се цели“, рече претседателот на партијата на Зелените Чем Ездемир.
„Ја ценам г-ѓа Кларсфелд за храбрата посветеност против нацистичките злосторства, но таа половина век живее во Франција и има нула познавање за германската политика. Секако дека ова е тактички маневар на Левицата, а поради тоа сум лута. Една жена мора да биде толку добра како конкурентот маж“, забележа новинарката и феминистка Алис Шварцер за конкурентката на Гаук, Беате Кларсфелд.
Се очекува утре (18.03.) Јоахим Гаук да биде инаугуриран на функцијата, а во петок 11-тиот германски Претседател и да положи заклетва пред Бундестагот и Горниот дом на германскиот парламент – Советот на покраините.
Автор: Александар Методијев/дпа/афп/едп
Редактор: Симе Недевски