1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гарантите фокусирани на условите, власта на изборите

Катерина Блажевска19 февруари 2016

Иако ниту еден од трите бенчмаркови за фер-избори не е исполнет,претставници на власта порачаа дека не постојат причини да се проблематизира датумот за избори.Гарантите на Договорот денеска ќе ја соопштат нивната оценка.

https://p.dw.com/p/1HyMP
Фотографија: MIA

Оценката што денеска се очекува да ја соопштат гарантите на Договорот од Пржино, САД и ЕУ, по прашањето дали се исполнети условите за одржување фер и кредибилни избори на 24 април, најверојатно нема да биде обврзувачка за владејачката коалиција. Еден ден пред соопштувањето на оценката, претставниците на власта речиси хорски порачаа дека не постојат причини да се проблематизира договорениот датум за избори.

„Датумот на изборите е дефиниран со закон и изгласан од сите политички партии во Собранието и е дел од договорот од Пржино. Засега не гледам ниту една причина тој датум, односно закон, да биде дискутабилен. Сметам дека треба да се држиме до она што веќе го имаме договорено и изгласано во Собранието“, изјави премиерот на техничката влада, Емил Димитриев.

Тој воопшто не ги спомна предусловите за фер-избори кои лично му беа предочени од амбасадорите на ЕУ и САД, Џес Бејли и Аиво Орав. Тие на 29 јануари на Димитриев му ги доставија критериумите што треба да се исполнат до 20 февруари, за да се обезбедат услови за фер и демократски избори. Првиот услов беше до 19 февруари да се извршат првични вкрстени проверки на сите релевантни бази на податоци за да се процени колку би траел процесот на проверки, вклучувајќи ги и теренските. Вториот услов беше - договор за медиумските реформи, а третиот пакет - одвојување на државата од партијата.

До вчера ниту еден од овие услови не беше исполнет. Во ДИК се уште се тестира системот за вкрсување на базите на податоци, а доцна синоќа со неуспех завршија преговорите за медиумските реформи. Нема напредок ни во одвојувањето на државата од партијата. Инструкции за подготвување список на потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, притисок за посета на партиски митинзи, употреба на службени возила за партиски цели и други влијанија, беа утврдени и јавно соопштени од пет невладини организации, кои од декември 2015 започнаа со сеопфатно набљудување на предизборниот период.

Mazedonien Emil Dimitriev Interims-Premierminister
Премиерот на техничката влада на РМ, Емил ДимитриевФотографија: MIA

Заев: Нема услови

Поради сите овие причини, лидерот на опозициската СДСМ очекува гарантите на Договорот да го соопштат „тоа што сите во земјата го знаат - дека нема елементарни услови во Македонија за да се одржат фер и демократски избори“.

„Сакам да го видам тој од ДИК што ќе потпише прочистен Избирачки список пред 5 март, како што е според законот. Сакам да го видам тој, па дури и амбасадор што ќе соопшти дека може да се прочисти до тогаш тој список. Пред фактите и аргументите и боговите молчат“, рече Заев.

Ако и покрај тоа се одржат избори на 24 април, тој најави дека опозицијата во нив нема да учествува, но нема намера ни да ги гледа изборите на телевизија.

Неговиот политички опонент во ваквиот став гледа опозициски страв од соочување со волјата на граѓаните. Одржувањето на изборите воопшто не беше доведено во прашање во вчеашниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој пред подмладокот на партијата соопшти какви резултати очекува.

„Изборите ќе бидат одговор кој СДСМ ќе го добие, не од ВМРО-ДПМНЕ, туку лично од граѓаните на Македонија, и тој одговор ќе биде громогласно не за сите нивни манипулации, афери, закани“, рече Груевски. Неговиот коалициски партнер, Али Ахмети, кој вчера неколку часа разговараше со американскиот амбасадор Џес Бејли, по средбата кусо изјави дека „ако има некакви измени на Договорот од Пржино, за тоа мора да бидат согласни сите потписници“.

Во одбрана на договорениот датум за збори се вклучи и шефот на државата, Ѓорге Иванов по мини-самитот во Брисел посветен на бегалската криза.
„Политичките лидери во Македонија преземаа одговорност за справување со политичката криза и ги ставија своите потписи на документот што тие мора да го реализираат. Нам ни е неопходно да се почитува договорот и датумите во тој договор, за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат, што мора да се справува со овие пред се' безбедносни ризици“, потенцираше Иванов.

Поддршка од германски пратеници

Како аргумент за важноста од договорениот датум на избори, ВМРО-ДПМНЕ ја дистрибуираше и изјавата на Тобијас Зек, пратеник во германскиот Бундестаг, кој со колегите Ханс- Петер Ул, Фолкер Улрих и Вилфред Елерс во Берлин имале средба со пратеникот Александар Николоски.

„Ги поздравуваме и поддржуваме парламентарните избори на 24-ти април во Република Македонија како најголема демократска можност за граѓаните да ги изберат своите претставници во Парламентот, да изберат кој ќе ја води државата во следните четири години. (...) Го повикуваме опозицискиот СДСМ да не ги бојкотира изборите поради сопствени теснопартиски интереси. Бараме ДИК и МВР, предводено од опозицискиот СДСМ, согласно Договорот од јуни/јули веднаш да ги направат сите подготовки за кредибилни избори и да го прочистат избирачкиот список што е можно поскоро, и на тој начин да обезбедат кредибилни избори. Го повикуваме опозицискиот СДСМ да не го попречува овој процес.

Ги повикуваме сите релевантни европски институции како ОДИХР, ПССЕ и Парламентарното собрание на ОБСЕ, да распоредат свои набљудувачки мисии за да ги надгледуваат изборите на 24-ти април“, се вели во изјавата на Тобиас Зек.

Но, тоа не е се. Како вовед во „бетонирањето“ на договорениот датум за избори, во јавноста беше дочекана и вчерашната одлука на Уставниот суд, кој се прогласи за ненадлежан да ја оценува уставноста на одлуката за распуштање на парламентот со одложена примена. Судот одлуката ја донесе со мнозинство гласови и прегласување (5 наспроти 4), по бурна расправа меѓу уставните судии. Мнозинството го застапувало ставот дека Судот нема право да одлучува за поединечни акти на законодавниот дом.

Важни одговори

Во цивилниот секор владее незадволство од отсуството на реформи. Невладини организации подолг период предупредуваат дека не се исполнети условите за одржување фер избори. Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Институтот за европска политика (ЕПИ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Коалицијата Сите за правично судење, преку јавно обраќање до амбасадорот на САД, Џес Бејли и амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, го соопштија тој став. Малинка Ристевска- Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ) потсетува дека ниту еден од трите бенчмаркови предочени од гарантите на Договорот не е исполнет. Со тоа во втор план падна демократизацијата на земјата и реформите што треба да се направат, а целиот фокус е насочен кон изборите. Во таква ситуација во оптек се две сценарија.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

„Едното да се преговара понатаму за одложување на изборите, второто е владејачката коалиција еднострано да оди на избори, а притоа опозицијата да бојкотира. Тука има и трети опции што ги заговара граѓанскиот сектор, дека е потребно повеќе време за да се подготват фер и слободни избори. Сепак ова не може да оди до бескрај. Мислам дека меѓународната заедница ќе вложи уште еден напор, зашто договорот од Пржино е нејзино новороденче, со цел да го стави договорот во сила и тој да остане жив и по оваа проценка“, вели Ристевска - Јорданова.

Аналитичарите потенцираат дека сега се неопходни неколку битни одговори во контекст на денешната оценка. Прво, дали оценката на гарантите на Договорот ќе биде обврзувачка за партиите - потписнички? Второ, ако и покрај евентуалното „црвено светло за избори“ тие бидат еднострано спроведени, дали такви избори ќе бидат признаени од меѓународната заедница? Трето, какви ќе бидат последиците за интеграциските процеси на Македонија од еднострани одлуки?

Истовремено, се сомневаат дека земјата денес ќе добие јасен одговор на овие прашања, со што стравуваат од можноста дека на јавна сцена може да доминира една „флексибилна“ порака од гарантите на Договорот: „Не се обезбедни услови за кредибилни избори, но не можеме да влијаеме ако некој сака да ги спроведе“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи