1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Галуп: Спорот меѓу Скопје и Софија поважен од влезот во ЕУ

ДТЗ
9 декември 2021

За 71 отсто од бугарските граѓани е поприоритетно решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија, отколку пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ, покажува најновото истражување.

https://p.dw.com/p/442rT
Bulgarien | Treffen mazedonischer Premierminister Zoran Zaev mit Amtskollege Stefan Yanev in Sofia
Фотографија: Government North Macedonia

За 71 отсто од бугарските граѓани е поприоритетно решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија, отколку пристапувањето на Северна Македонија кон Европската Унија, покажува истражувањето на „Галуп Интернешнл Балкан“. Истражувањето е спроведено „лице в лице“ во периодот од 25 ноември до 3 декември на примерок од 803 полнолетни Бугари.

Како што пренесува БНР, само два отсто од испитаниците му даваат предност на прашањето за влегувањето на земјава во ЕУ. Најтврд став имаат испитаниците од возрасната група над 45 години. Во Софија, каде што се концентрирани групи со повисоки приходи и образование, само 2 отсто даваат приоритет на членството на Македонија во ЕУ, а обратен став имаат близу 80 отсто од анкетираните. Наспроти нив, помладите, оние со основно или пониско образование и оние коишто се изјасниле како Турци и Роми, се колебаат со својот став.  

Во однос на електоратот на бугарските партии има речиси едногласност. Над 80 отсто од поддржувачите на „Продолжуваме со промената“ и на ГЕРБ сметаат дека приоритетно е прашањето за регулирање на односите меѓу двете земји, а потоа доаѓа патот на Северна Македонија кон ЕУ.

Во однос на политичката криза во земјава, 52 отсто од Бугарите сметаат дека она што се случува во Северна Македонија е многу важно за Бугарија. Околу една третина од анкетираните не дале конкретен одговор, а само една десетина велат дека она што се случува во Македонија не е важно за нив. Во истражувањето од наброени 42 држави, Северна Македонија е во првите десет кои што Бугарите ги сметаат за блиски.