1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време за одлука: Хан и четворката на иста маса

Катерина Блажевска15 јануари 2016

Се очекува заедничката и клучна средба на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерската четворка, на која треба да падне финалната одлука: ќе има ли избори на 24 април?

https://p.dw.com/p/1HeJL
Фотографија: MIA

Еврокомесарот Јоханес Хан ја заврши серијата билатерални средби со лидерите на четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино, на кои беше запознат со нивото на досегашната реализација на обврските, односно со партиските ставови дали се исполнети сите услови на 24 април да се одржат фер и кредибилни избори.

По билатералните средби, во резиденцијата на ЕУ во скопската населбата Пржино започнува заедничка и клучна средба на Хан со лидерската четворка, на која треба да падне финалната одлука - дали Македонија ќе влезе во изборен процес во април. Од тоа ќе зависи и дали ќе биде ефектуирана депонираната условна оставка на премиерот Никола Груевски.

Оставката доставена

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски соопшти дека денеска му била доставена оставката на премиерот, која ќе стапи на сила 100 дена пред избори. Вељаноски искажа надеж дека политичките лидери ќе успеат да ги надминат меѓусебните предизвици, во функција на натамошен демократски развој на Република Македонија.

„Kако претседател на Собранието на Република Македонија ќе постапувам во согласност со уставните, законските и деловничките права и обврски. Истовремено, имајќи ги предвид преземените политички обврски на лидерите на најголемите партии, согласно со Договорот од 2 јуни и протоколот од 15 јули 2015 година, како претседател на Собранието ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница“, соопшти Вељаноски.

Неизвесен исход

Исходот од средбата со голем интерес го очекува и македонската јавност. Нема назнаки колку време би траела заедничката средба, односно дали лидерите утрото ќе го дочекаат во Пржино.

Прв со Хан денеска се сретна лидерот на СДСМ, кој по средбата изјави дека сите партии ќе си направат пресметки дали се исполнети условите за избори.

„Премиерот, со условена оставка, и самиот е свесен дека не се стигнува со роковите за проверка на избирачкиот список. Опозицијата е најважниот фактор кој треба да обезбеди кристално чисти избори“, рече Заев.
По едночасовна средба со Хан, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не даде изјава.

„Сега одам да отворам нова фабрика“, рече Груевски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потенцираше дека „институциите - ДИК, ОБСЕ/ОДИХР и други, треба да се изјаснат и да дадат проценки до каде се стигнати подготовките за организирање избори“, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи кусо искоментира - „избори на 24 април“.