1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протерувања во голем стил

Дик Волфганг/сн22 октомври 2015

Одбиените баратели на азил треба да се протеруваат побрзо и посеопфатно. За ваквите намери веќе било разговарано во германскиот владин кабинет. Бундесверот би требало да помогне принудно да бидат вратени повеќе луѓе.

https://p.dw.com/p/1GsV2
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Германија забрзано работи на решавање на бегалската криза. Таков впечаток оставаат најновите планови на германската влада. Принудното враќање бегалците од Балканот, чие барање за азил е одбиено се одвиваше со чартер-летови или со летови на редовни линии. Од сега за таа цел ќе биде вклучена и германската војска- Бундесверот и нејзините големи транспортни авиони.

Некои германски сојузни покраини го запреа принудното враќање во зима на барателите на азил со одбиено барање и им овозможија ова годишно време да го поминат на топло. Тоа повеќе не важи. Поради големиот број бегалци покраинските парламенти донесоа одлуки да ја запрат таквата практика и да организираат принудни враќања и во зимските месеци. За ова прашање повеќе нема разлика меѓу сојузните институции и покраините.

Symbolbild Abschiebung
Фотографија: picture-alliance/dpa/Seeger

Помалку „дулдунг“

Под раководство на координаторот на германската влада за бегалци а воедно и шеф на кабинетот на германската канцеларка, Петер Алтмајер и министерот а внатрешни работи Томас де Мезије не само што и натаму ќе се разработуваат спорните и сѐ уште неусвоени идеи за „транзитни зони“ за бегалците, туку се разгледува и низа други мерки и постапки кои би се вовеле на границите. Со земјите на потекло на барателите на азил се преговара за враќањето на „ лажните азиланти“ чии барања за азил се одбиени.

Според податоците од Централниот регистер за странци во моментов за принудно враќање во земјите на потекло се пријавени 190 илјади бегалци, бидејќи нивните барања за азил биле оценети како неосновани. Една третина од нив има добиено т.н „дулдунг“ односно статус на толериран престој во Германија. А со една таква дозвола за престој всушност тие не смеат да бидат принудно вратени. Сега меѓутоа ќе се испитаат критериумите за доделување „дулдунг“. „Сакаме да ги укинеме пречките за нивно принудно враќање“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Зајберт. Останатите детали, кои вклучуваат протерување ако некој е болен, не се тематизирани. Изгубени или непостоечки пасоши истотака повеќе не се никаква пречка за протерување. Имено Централата за издавање на заменски пасоши под покровителство на сојузната и покраинските влади издава патни документи кои се признати во ЕУ. Германската влада утврди дека соработката со земјите од Балканот во тој поглед е добра.

Протерување „без писмена најава“

Досега принудното враќање се одвиваше според јасни бирократски процедури. Најнапред доаѓаше писмо за одбивање на молбата за азил и барање за напуштање на државата. Доколку бегалецот во зададениот рок не ја напушти земјата, во сила стапуваше протерувањето со помош на полициски мерки на принуда, на барање на Канцеларијата за странци. Досега важеше правилото писмено да се најави и датумот на протерување со помош на полицијата. Отсега натаму тоа нема да важи, за бегалците да не можат да исчезнат или да се сокријат.

TV-Spot Bundesinnenministerium Balkan Flüchtlinge Rüchführungsvideo
Фотографија: BMI

Организациите за помош на бегалците протестираат

Организациите за помош на бегалците, каква што е Про Азил многу критички гледаат на овие промени и забрзаната постапка за принудно враќање на бегалците, кои немаат основа за добивање азил. Досега овие организации нагласуваа дека „правни чекори ќе бидат преземени доколку се утврди дека е ограничено правото на азил“. Сега не постои подготвеност за подетална анализа. „Плановите се нови и ситуацијата уште не е созреана за некаков посеопфатен суд“, изјави портпаролка на еден бегалски совет во германската покраина Северна Рајна Вествалија.

Критичарите посебно гледаат правен проблем кога е во прашање ангажманот на Бундесверот во транспортот на бегалците, на кои им е одбиено барањето за азил, во земјите од кои потекнуваат. Бундесверот според германскиот устав нема право да се меша во полициските активности. Портпаролот на Министерството за одбрана на владина пресконференција изјави дека „таква поддршка не е исклучена“ и додаде дека најнапред мора да се исцрпат сите можности за транспорт со цивилни авиони. „Но таквата поддршка никако не смее да штета на мисиите на Бундесверот, посебно на обврските кои германската армија ги има во НАТО“.

Користењето на трансал-авиони и онака беше под знак прашање поради големиот број летала кои не се употребливи. Портпаролот мислеше на авионите за транспорт на трупи. Кога во Берлин започнаа шпекулациите дека војската во иднина би требало да извршува и низа други задачи во врска со бегалците, портпаролот на владата Зајберт помалку изиритирано реле: Немам ништо да ви најавам за други планови. Ние го почитуваме нашиот устав!“.