1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратени сеќавањата на „Крвавото коледе“

6 јануари 2022

За да стапне на патот кон Европа, РСМ ќе треба да помине низ катарза, каква што поминаа сите бивши комунистички земји кои влегоа во ЕУ, вели бугарскиот амбасадор Марин Рајков

https://p.dw.com/p/45ClJ
Bulgarien Marin Raikov
Фотографија: BGNES

„Коледе леде“, ечи од зори коледарската песна, со која децата рано на Бадник одат од врата на врата, најавувајќи го денот што доаѓа, Христовото раѓање - Божик. Станува збор за текстуално бесмислена песна која со тек на времето можеби ќе биде заменета со соодветна, православна. Но, она што не заминува во заборав и Бугарија постојано бара да биде расветлено, е „Крвавото коледе“. Интересот е свртен кон настаните започнати меѓу шести и седми јануари 1945 година, за кои Софија бара одговори и осуда од страна на РСМ.

Дека тоа сигурно ќе биде и една од темите пред заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања, сведочи и ставот на бугарскиот амбасадор во Обединетото Кралство, Марин Рајков, премиер на техничката влада во 2013 година и заменик министер за надворешни работи во повеќе мандати.

„Овој период од годината нѐ потсетува дека на 7 јануари 1945 година, југословенските власти и локалните соработници ја започнаа кампањата за насилно дебугаризирање на Вардарска Македонија, позната како Крвавото Коледе“, вели тој во интервју за Бгнес, одговорајќи на прашањето - каде е решението за брзо решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.

„Стрелањата во Скопје и во касарните во Штип и задушувањето на воените бунтови на нашите сонародници против југословенските власти, на кои масовно им се придружија и цивили, беа само почеток на крвавите репресии, кои за две децении однесоа животи на илјадници македонски Бугари, кои одбиле да прифатат етнички инженеринг. Таа трагична страница не треба да биде затворена без да биде прочитана. За извршените престапи нема да може да се бара индулгенција низ европско легитимирање на идеологијата, во чие име тие биле извршени. За да стапне на патот кој води кон Европа, РС Македонија ќе треба да помине низ својата катарза - низ каква што поминаа сите поранешни комунистички земји кои се присоединија во ЕУ. Во јули минатата година, високиот претставник на ОН за Босна, Валентин Инцко, го прогласи за кривично дело негирањето на истребувањето во Сребреница, извршено од југословенските сили. Направеното од југословенскиот режим во различни периоди, не може да биде третирано на различен начин“, вели Рајков.

Панихида за жртвите

Тој не е единствен кој потсетува на овие настани. Бугарската партија ВМРО-БНД соопшти дека денеска напладне во црквата „Св. Софија“ во главниот град ќе се одржи панихида во „спомен на жртвите од комунистичките ѕверства врз Бугарите во Вардарска Македонија“. Покрај европратеникот и заменик-претседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски и други партиски функционери, најавено е присуство и на претставници од Бугарското здружение на родовите од Македонија и од Македонскиот научен институт. Во партиското соопштение се вели дека на 6-ти спроти 7-ми јануари 1945 година започнала политичката репресија во Титова Југославија, во која илјадници луѓе со бугарски идентитет во Вардарска Македонија биле ликвидирани или малтретирани без судење - градоначалници, свештеници, учители и обични селани од цела Македонија.

„Тие биле нарекувани ‘бугараши’ и ‘помагачи на бугарскиот фашистички окупатор’. a целта била насилно србизирање на Вардарска Македонија“, посочуваат од партијата.

Она околу што (ќе) спорат историчарите е дали тие луѓе настрадале заради нивната етничка, или идеолошка определба. Случајот стана актуелен во земјава, откако, сега покојниот новинар, Борис Поп Ѓорчев, во ’90-тите години го истражуваше во еден сегмент - стрелањето на 53 велешани на 15 јануари 1945 година. Тој формираше Одбор на семејствата на егзекутираните велешани, меѓу кои бил убиен и неговиот татко Богдан Поп Ѓорчев, лекар, уапсен во октомври 1944 година како припадник на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО). На барање на овој Одбор и во координација со властите, во 1996 година беше откриена локацијата и извршена ексхумација на жртвите, по што тие беа погребани на гробиштата на црквата „Св.Спас“ во Велес. Ова е само еден сегмент од тие настани, а задача на историчарите ќе биде да ги расветлат во целата нивна комплексност.

Bulgarien Flagge
Бугарија бара гаранци во преговарачката рамкаФотографија: BGNES

Нужни гаранции

Историјата нема да биде единствена и главна тема, но ќе биде една од петте (заедно со економија, инфрастуктура, културна размена и евроинтеграција) за кои Софија и Скопје ќе преговараат во наредниот период, како што најави бугарскиот премиер Кирил Петков.

Според амбасадорот Рајков,  спорот одамна не е билатерален,  туку европски, а неговото решение е важно затоа што европската перспектива на Скопје е неотповиклива, а во исто време и неделива од почитувањето на европските принципи. Тој вели дека „е нормално Бугарија да инсистира во Преговарачката рамка за РСМ да има гаранции дека ќе се имплементира  Договорот од 2017  година во однос одразувањето на  заедничката историја  во учебниците и во поглед на напуштањето на старите ставови кон  Бугарија од југословенско време“.

„Гаранции во преговарачката рамка се потребни и поради постојаните закани на антиевропската опозиција во РСМ дека ќе ги саботира договорите со Бугарија и Грција“, изјави тој.

Рајков посочува дека  македонските Бугари  мора да бидат рамноправно третирани со другите народи во РСМ, наоѓајќи свое соодветно место во Уставот и во институциите, бидејќи нивната дискриминација е неспоива со европските амбиции на земјата. Притоа потенцира дека правото на слободно самоопределување на поединецот е свето.

„Како што никој не може да го оспори правото на некои од денешните граѓани на РС Македонија да се самоидентификуваат како Македонци, така не е прифатливо да се оспорува самоопределувањето на нивните предци како Бугари“, вели Рајков.