Во потрага по загубените милиони на ЕУ
2 август 2014Од далеку погледнато езерото Тразимено во Италија изгледа како рај од сликовница. Брегот е прогласен за заштитена природна област. Сред него велосипедска патека, која во поголемиот дел изгледа ужасно напуштено.
Во потрага сме по загубените милиони од ЕУ - и по велосипедската патека. Неа ја бараат и велосипедисти од целиот свет, оти таа е препорачана во интернет.
Иан Скот е воодушевен што успеа да пронајде дел од неа, оти, вели, на вчудовидување, во туристичкото биро немаат никакви карти.
„Таму седеше еден постар господин, најбесполезниот туристички водич што сум го сретнал досега - јас му го расипав денот“, раскажува тој.
Иан всушност требаше да добие информации во една дрвена барака крај самата велосипедска патека. Но, во неа се одомаќени само оси, а кој премногу препрашува за патот, чепка во осило.
За откривање на мрачната страна на езерото Шкотланѓанецот се покажа како среќен избор. Тој е страсен велосипедист и со него тргнуваме во обиколка. На сопствен ризик се оди преку одамна руинирани мостови, а завршуваш во тиња.
„Каде ли исчезна патот? А, овде има и дупка“, вели Иан, кому барата му е сомнителна.
„Нема алигатори, нема змии, но има јата бучни птици“, оценува тој.
Не е ни за чудење - зоната тука е заштитена птичја зона. Патот не минува на пристојно растојание од езерото, како што наложи ЕУ, туку директно покрај водата, најчесто и под неговата површина. Така овде сега во езерото тонат патот и милиони евра од ЕУ.
„Некој кога и да е мора за ова да биде повикан на одговорност. Фрлени пари. Патеката мора да се одржува. Милиони евра? - Не, вакви проекти во Велика Британија се прават за многу помалку пари и десетпати подобро“, оценува Иан.
Овде беше потребна велосипедска патека, оти Тразимено не е езеро за капење. Водата е премногу нечиста затоа што нема колектори. Некогаш многу посетеното кафуле на плажата денес е руина оти нема туристи. Не помогна ни базенот нa брeгот на езерото.
Многумина во регионот пасивно го набљудуваат пропаѓањето. Главно, доаѓаат пари од Брисел. Но, на Стефано Олива, кој живее во регионот, му дојде преку глава. Затоа во последно време почна да се меша во комуналната политика:
„Некој сега мора да одговара за ова. Погледајте ја оваа велосипедска патека, таа е типичен пример за се’ што овде секогаш се прикрива. Со години спречуваа било какви информации за неа во медиумите. Никој не знаеше што се случува овде, оти тоа целно беше потиснувано. Тие, кои нешто знаеја, ја држеа устата затворена“, вели тој.
Но, не и Клаудија де Чучејс, надлежна за грижа за околината. Од канцеларијата, таа ита кон нас, на местото на злосторството. И, како нарачана, зад неа се појавува една амбициозна двојка туристи, која не се зачуди поради нас и многу релаксирано се однесува кон фактот дека овде велосипедската патека речиси комплетно е прекината.
„Вие во ЕУ веројатно ќе имате неколкумина контролори или барем некој функционер, кој некогаш би можел да го погледа ова овде. Сепак би морало да се открие каде отидоа сите пари од ЕУ?“, вели Калудија де Чучејс, од еколошката организација „Италија ностра“.
Очигледно не се само потонати, туку и присвоени (украдени), претпоставува Клаудија. Последиците ќе мораат да ги сносат туристите. И, кога ќе шлапка низ тињата некој контролор од ЕУ?
Инге Гресле од Буџетската контролна комисија на Европскиот парламент, е убедена:
„Верувам дека овде никогаш не била направена контрола, никогаш не било на лице-место погледнато што е направено. Зошто не е сторено тоа? Италија со европски пари гради 40 илјади проекти. Тоа би го преоптоварило било кој пристоен контролор, а и за италијанските власти е премногу. Значи, овде имаме потфрлање кај контролите на повеќе нивоа.“
И, кога само тука би бил крајот! Повторно се побарани во Брисел 1,8 милиони евра за продолжување на велосипедската патека - покрај водата или и во неа.