Во очекување на најголемите поплави на сите времиња
12 јануари 2011Ситуацијата во австралиската метропола Бризбејн драматично се влоши преку ноќ. Реката што минува низ центарот на градот, според проценките, расте по еден метар секој час и се заканува да поплави големи подрачја. Водениот бран се движи со голема брзина кон градот, а веќе излезе од коритото на повеќе места. До сега под вода се наоѓаат повеќе од 9.000 имоти, што претставува околу една десетина од градското подрачје. Натамошни 30.000 имоти мораат да сметаат со сериозни оштетувања поради водената стихија.
Апели за солидарност
Премиерот на покраинската влада за Квинсланд, Ана Блај, ги повика граѓаните на Бризбејн да не и’ подлегнат на паниката и да ги здружат силите во овие решавачки мигови.
„Мислам дека во Бризбејн имаме невообичаена ситуација. Небото е сончево, како што прилега за прекрасен летен ден, но тоа не може да не’ утеши, бидејќи дождот и водените маси истовремено причинуваат толкави штети.“
Голем број граѓани на Бризбејн се обидоа да избегаат од градот поради заканата од поплави, што создаде невиден сообраќаен хаос во градот и околината. Градоначалникот Кемпбел Њумен ги повика сите кои не мораат да одат на работа да останат дома. „Дојдете на работа само ако сте им крајно неопходни на градските служби, инаку останете дома“, апелираше градоначалникот Њумен.
И премиерот на покраинската влада Ана Блај се огласи со апел: „Оваа несреќа не е туристичка атракција. Станува збор за мноу сериозна природна катастрофа. Останете дома и не патувајте, освен ако тоа не е апсолутно неопходно!“
Автор: ГЧ/АТ/дпа/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска