Во знакот на претстојните избори
13 јануари 2009Во Тетово се‘ уште траат или се одлагаат судските процеси против дваесетина граѓани од албанската етничка заедница, обвинети за изборни насилства за време на предвремените парламентарни избори. Тие инциденти од првиот изборен круг летоска и‘ донесоа многу негативни поени на Македонија и на претходниот кабинет на премиерот Никола Груевски. Искуствата и преземените обврски пред Европската унија го мотивираат премиерот. Тој веќе го одобрил акцискиот план на Министерството за внатрешни работи за настап на следните избори, којшто беше претходно дискутиран и со претставници на меѓународната заедница.
Во подготовка е и таканаречен безбедосен план во тој поглед, така што се преземаат сите потребни мерки што една влада би можеле да ги преземе на следните избори, за да не се повторат оние инциденти како што се појавија на дел од територијата на Република Македонија, одговори премиерот Груевски во парламентот на пратеничко прашање од опозицијата, дали македонската влада може да подготви фер и демократски избори.
Дали постои подготвеност за фер избори кај Албанците?
По лидерската средба минатата недела, челникот на СДСМ објави дека Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА се конфронтирале околу политичката одговорност за ланските парламентарни избори. Зоран Заев од СДСМ изрази скепса:
„Се навлезе во материја што дефинитивно не ни дава на знаење дека албанскиот политички фактор во државата, без разлика дали е сега во позиција или опозиција, е подготвен за фер и демократски избори“.
Примери на прекршување на изборните правила
Но, и во македонскиот блок веќе се регистрирани прекршувања на новите изборни правила. Државната изборна комисија веќе поднесе пријави против новоформираната Социјалдемократска унија на поранешниот министер за одбрана Лазар Еленовски. Рекламни паноа со неговиот партискиот слоган ја преплавија Македонија. За предвремен изборен маркетинг со 5.000 евра би можел да биде казнет и Џорџ Атанасовски, бизнисмен од американско потекло и водач на Македонската алијанса, затоа што во весниците се самопромовира како претседателски кандидат.
На овие избори ќе биде тестирана лустрацијата. Кандидатите за претседател и градоначалник ќе депонираат нотарска изјава дека не се или не биле соработници на македонската тајна полиција. Овој процес на прочистување на политиката од таканаречените доушници во Македонија доцни речиси цела деценија. Но, и сегашнниот старт е на „стаклени нозе“, зашто е неизвесно дали Комисијата за лустрација ќе има време да ги предгледа и да ги верификува сите пријави и да оцени дали на следните избори нема да има полициски агенти или доушници како актери на политичката сцена.
„Законот за лустрација мораше да биде усвоен порано за да помогне во сите тела и институции во државата да нема функционери кои работат по далечинско управување“, кажа пратеникот Стојан Андов, еден од авторите на Законот за лустрација.