1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Грција цвета трговија со бебиња

25 февруари 2011

На грчко-бугарската граница цвета трговијата со деца, но и илегалната трговија со јајцеви клетки. Можеби и затоа што учесниците во неа можат да се потпрат на соучесници во државниот апарат.

https://p.dw.com/p/10Fgf
Раѓање заради продавање на децатаФотографија: picture-alliance/ZB

Неодамна грчката полиција во соработка со Евроџаст успеа да уништи синџир за трговија со бебиња. Во северногрчкиот град Ксанти беа уапсени повеќе осомничени, меѓу нив и една жена од Бугарија, која сакала да го продаде своето новородено дете на брачен пар од ова место. На грчко-бугарската граница цвета трговијата со деца, но и илегалната трговија со јајцеви клетки. Можеби и затоа што учесниците во неа можат да се потпрат на соучесници во државниот апарат.

Власта е незаинтересирана

Електра Коутра се обидува да им помогне на жените од странство кои се борат за своето дете. Младата адвокатка е убедена дека криминалните банди ги условуваат и злоупотребуваат младите жени во неволја да го дадат или продадат своето дете на парови без деца. Таа во моментов застапува пред суд млада Романка и се жали на неактивноста на грчките власти во борбата против трговијата со бебиња.

„Мојата клиентка сака да си го врати бебето, но наидува на рамнодушност и одбивност. Уште во јули 2009 година поднесовме обвинение за измама и изнудување, а полицијата до денес не‘ убедува дека врши истрага. Побарав увид во актите, но тоа до денес не ми е овозможено“.

Emotionen Familie Eltern Kind Baby Hände
Фотографија: Fotolia/Friday

Криминалните банди имаат добра заработувачка

Според грчките медиуми, цената за едно бебе од Бугарија или Романија се движи од 15 до 25 илјади евра. Од тоа мајката добива најмногу 3 илјади евра, ако се согласи на дилот. При каење или откажување, и‘ се заканува сила. Трговците со луѓе можат непречено да си ги вршат своите криминални бизниси, зашто на услуга им се корумпирани помошници во власта, вели Коутра. И Александрос Цавос, раководител на Институтот за миграциска политика во Атина, се сомнева во постоење соучесниици меѓу државните службеници:

„Странците постојано известуваат за вакви случаи. На грчко-турската граница се уапсени повеќе соучесници на криминалците, во градот Патрос се обвинети двајца полицајци за ограбување на бегалците“.

Евроџаст се вклучи во спречување на појавата

Во меѓувреме европската служба за правосудство Евроџаст започна акција против грчко-бугарските трговци со луѓе и тоа со видливи успеси, како што истакнува Електра Коутра. Но, триковите на трговците со луѓе се се‘ порафинирани: на северната граница на Грција се‘ пораширена е илегалната трговија со јајцеви клетки, истакнува адвокатката:

Kinderhandel
На Балканот цвета продавањето деца и жениФотографија: Andrea Motta

„Поради финансиски проблеми, многу жени за пари даваат јајцеви клетки. Познавам донаторки од Бугарија, Романија и Летонија. Доаѓаат овде на неколку недели на терапија со хормонски инјекции, за да произведат што повеќе јајцеви клетки. Многу од нив се жртви на трговците со луѓе и принудени на проституција, но не подлежат на никаква здравствена контрола, не им се објаснуваат вооопшто можните компликации“.

Дали овие жени може да се ослободат од канџите на трговците со луѓе? Најдобро е да им се помага во родната земја, истакнува Александрос Цавос. Како пример ја наведува програмата за реинтеграција на жените-жртви на принудна проституција од Молдавија, во кој и самиот учествува :

„Примарна е психолошка помош, зашто жените доаѓаат до ситауција да извршат самоубиство, потоа доаѓа образованието, преку кое им се обезбедува работа“.

Цавос сосем трезвено заклучува: трговијата со луѓе ќе биде дел од секојдневието се‘ додека криминалните банди заработуваат огромни пари. Полициските мерки за жал не се доволни.

Автор: Јанис Пападимитриу/Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски