Во Брисел продолжува дијалогот Белград-Приштина
27 септември 2011За сега не е познат ставот на Брисел околу разговорите за премините Брњак и Јариње на северот на Косово, иако шефот на белградскиот преговарачки тим Борко Стефановиќ рече дека е веројатно оти Брисел ќе се согласи во среда да разговара и за регулирање на сообраќајот на овие премини.
Од техничките прашања на дневен ред на оваа рунда преговори би требало да бидат енергетиката и телекомуникациите. За решавање остана и прашањето за учество на претставниците на Приштина на регионални форуми.
Претходната рунда разговори беше одржана на 2 септември и тогаш беше постигнат договор за изгледот на косовските царински печати, но не и за прашањето за царинската служба.
Припадниците на американскиот контингент на КФОР утрово ја отстраниле барикадата поставена од Србите на патот од Јариње кон централна Србија со употреба на солзавец. Србите се противат на преземањето на контролата на граничните премини Јариње и Брњак од косовски и службеници и полицајци на Еулекс.
Автор: ЖА/ АТ/ / бета/ миа
Редактор: Горан Чутаноски