Вонредна состојба во главниот град на Чиле
19 октомври 2019По немирите поради зголемувањето на цените на подземната железница во Сантјаго, чилеанскиот претседател Себастијан Пињера прогласи вонредна состојба во главниот град. Во телевизиското обраќање до нацијата претседателот својата одлука ја образложи со „сериозни напади кои се повторуваат“ врз подземната железница во чилеанската метропола. Вонредната состојба значи кратење на основни граѓански права, како на пример - подолго држење во притвор на осомничени лица отколку што е тоа вообичаено.
Претходно, во повеќе станици на метрото беа подметнати пожари. Пред влезовите на станиците на подземната железница беа палени барикади, со што беа предизвикани и штети над површината на земјата. На тој начин од пламен беше зафатен и еден автобус. Полицијата употребуваше солзавец против насилните демонстранти.
Сообраќајните претпријатија по безредијата го запреа целиот железнички сообраќај на околу 140 километри долгата сообраќајна мрежа. Сообраќајот нема да се одвива во текот на целиот викенд.
Првите протести избија пред околу една недела, како реакција на зголемувањето на цените на превозот од 800 на 830 пезоси, односно околу четири евро-центи. Прво стотици ученици и студенти скокаа преку оградите на влезовите во метрото и се возеа на црно, а потоа дојде до поголеми протестни собири во главниот град на Чиле.