140409 Uefa-Pokal Vorschau Viertelfinal-Rückspiele
16 април 2009Хамбургер и Вердер во првите натпревари на домашен терен славеа идентични победи против англискиот односно италијанскиот претставник во Купот на УЕФА. Двата тима се последни германски претставници на интернационалната сцена, поточно во купот на УЕФА кој еднаш германската фудбалска легенда Франц Бекенбауер го означи како куп на губитниците. Меѓутоа популарниот Кајзер, а пред се’ преостанатите осум екипи во ова натпреварување воопшто не се заинтересирани за ваквите коментари. Мотивација не им недостасува. Затоа играчот на Хамбургер, Пјотр Троховски пред денешниот натпревар во Манчестер предупредува:
„Кога ќе се победи со 3:1 мора да се има верба. Се разбира мора да внимаваме. Ако Манчестер поведе со 1:0 тогаш повторно е опасно, но ние имаме верба дека и таму можеме да постигнеме неколку голови“, вели Троховски.
Меѓутоа персоналната ситуација во Хамбургер пред натпреварот не е толку позитивна. Со сигурност ќе недостасуваат одбранбените играчи Колин Бенџамин и Гај Демел како и играчите од средниот ред Бастијан Рајнхард и Тимоти Атуба.
Затоа тренерот Мартин Јол искажа воздржан оптимизам пред натпреварот: „Јас всушност повеќе би сакал да постигневме и четврти гол зашто ако повторно примиме брз гол, тогаш ќе биде тешко. Но, сепак имаме добра појдовна позиција“, рече Јол.
Можно е германско полуфинале
Во секој случај Хамбургер против Манчестер сити може да си дозволи дури и тесен пораз за да се пласира во полуфиналето на едно европско клупско натпреварување за првпат по 1983 година.
Истото важи и за екипата од Бремен во реваншот во Удине. И Вердер заминува со предност од 3:1 од првиот натпревар на стадионот Везер. И во тимот од Бремен истакнуваат дека не треба да се преценува успехот во првиот меч и предупредуваат дека Удинезе е незгоден противник.
„Сметам дека можеме да бидеме задоволни со резултатот, зашто на теренот видовме добар италијански тим, кој остави печат во фудбалска смисла. Затоа ние мораме и натаму да останеме храбри, или во спротивно немаме многу шанси во реваншот. Потребно е да играме храбро и да постигнеме гол на гости“, истакна одбранбениот играч на Вердер, Пер Мертесакер.
Тренерот Томас Шаф пак не беше задоволен со играта во одбраната во првиот натпревар и затоа порачува: „Принципиелно му дозволивме на Удинезе премногу шанси за гол и затоа во реваншот се разбира треба да се однесуваме поинаку. Наша задача во Италија ќе биде да играме значително поконцентрирано“, истакна Шаф.
Доколку Вердер и Хамбургер се пласираат натаму, во полуфиналето ќе играат еден против друг. Во двата преостанати реванш четврт-финални натпревари, Динамо Киев го пречекува Париз Сен Жермен, откако избори нерешен резултат без голови во Франција, а Олимпик Марсеј на домашен терен мора да ја надомести предноста од 0:2 од првиот натпревар против Шахтјар Доњецк.
Автор: Кале Копс / Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска