1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта се заплетка со ветувањата за платите

Костадин Делимитов
26 мај 2022

Заканите за генерален штрајк во јавниот сектор се логична последица на погрешната стратегија на Владата, но дали и оправдана? Упатените критикуваат и предупредуваат да не се преземаат избрзани чекори.

https://p.dw.com/p/4Btpe
Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нова методологија, наместо линеарно зголемување на платите во јавниот сектор за по 2806 денари. Власта ја смени стратегијата наместо да го одржи зборот и го навлече синдикалниот гнев, кој среде криза кулминира со најави за генерален штрајк во јавниот сектор. Дека од договорот или ветувањата нема ништо соопшти министерот за финансии, Фатмир Бесими. Пари за повисоки плати во ребалансот на буџетот ќе има, но само за усогласување со порастот на  минималецот,  односно за порастот на платите во полицијата и правосудството. За останатите, ќе се чека на нова методологија во која клучен фактор ќе биде продуктивноста:

„Треба да се договори сеопфатна методологија со која ќе се прилагодат платите во целиот јавен сектор. Во оваа методологија ќе се вреднува продуктивноста, како и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата). Соодветно кога ќе се постави методологијата ќе се наменат и средства“, порача министерот за финансии Фатмир Бесими.

Ваквото ретерирање на Владата ги крена на нозе  синдикатите.  Иако тие не добија конкретно ветување за дефинитивно зголемување на платите веднаш, инсистираат да се најдат пари за  зголемување на платите  од 1 септември, како што тврдат дека паднал договор. Инсистираат на решение, ако треба и преку планираното задолжување:

„Со планираната позајмица од 900 милиони евра преку ММФ треба да има пари за работникот, без разлика дали е од јавниот или приватниот сектор. До петок ако не нѐ повикаат, дали вицепремиерот Битиќи, дали министерката Тренчевска или премиерот, од другата недела ние ќе си ги закажеме органите и телата., бидејќи во ребалансот нема пари за тоа. Тие ни ветија дека од 1 јули ова ќе се примени“, изјави Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати.

Министерот за финансии денеска им одговори дека пари нема, а за  синдикатите вели дека протестно тропале на погрешна врата. Повтори дека ќе има методологија, но каква точно и кога таа би се направила не прецизираше:

„Министерството за финансии не е вистинската адреса за протести. Во конкретниот случај, во фаза кога се работеше ребалансот на буџетот, нема завршени преговори ниту решенија. Ние не можеме да предвидиме работи кои што не се дефинирани“, изјави министерот за финансии Бесими.

Препукувањата на релација Влада- синдикати според дел од упатените е сериозен предизвик за кој треба да има одржливо решение. Сепак дали е тоа и можно во моментов е многу неизвесно. Дел од стопанствениците критикуваат дека Владата непотребно самата се заплетка во проблем кој сега ќе биде многу проблематичен да се решава:

„Не знам дали Владата беше принудена на ова, но доколку покажеа интегритет и политичка независност, како што сакаат да демонстрираат демократско однесување, во тој случај можеа да се вадат на интегритетот и новите политики на новата Влада. Ова што се случува е де факто ветување на поранешната Влада и поранешниот премиер. Новиот тим имаше шанса целосно да се огради да каже, односно да претпостави дека зголемувањето на минималната плата и ветувањата се процеси кои ќе треба да се засноваат на одредена методологија и параметри кои ги креираат сите плати, од минималец, преку просекот, па до останатите. Врзано со економски раст, инфлација,  продуктивност,  потрошувачка, инвестиции во јавниот сектор. Имаа доволно добри аргументи. Но за волја на вистината сегашниот премиер го објаснува како генерална добивка просекот од 31 илјади денари. Се плашам дека сега ќе гледаме повторно решенија на грбот на граѓаните и на бизнис заедницата“, коментира за Дојче веле Миле Бошков, стопанственик и претседател на македонската Бинзис конфедерација.

Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Синдикални протести против ниски плати во Скопје, април 2021Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тоа што власта сега зборува за методологија според него не е проблем. Но проблем е вели што и досега постојано слушаме за вакви стратегии кои само се најавуваат а никако не се реализираат, иако се ургентно неопходни:

„Методологијата можеме да ја донесеме веднаш, да ја прекопираме од некоја успешна држава. Но работата е колку тоа би било и применливо за нашиот ментален склоп, за нашата исполнителност и волја за работа, придонесување, а не за некои работници кои и не знаат зошто се вработени, односно заднината им е некоја друга. Така да може веднаш, но примената зависи од повеќе фактори, вклучително и политичката волја. Таа е креирана и поставена на начин, политиката за политичките истомисленици и политичките истомисленици за политиката. Не знаеме дали народот и јавната администрација сакаат да го направат тоа, или тие што ги изгласале дали ќе им наметнат да почнат да работат“, укажува Бошков.

Заканите за  генерален штрајк од страна на  синдикатите според него можеби се нефер во моментов, но се логична последица на она што се случува:

„Не би коментирал дали е фер, или не. Но јасно е дека синдикатите ја искористуваат шансата. Тие точно и добро се истренирани и знаат кога да ја искористат можноста. Сукцесивно им честитам на моментот за искористување на позицијата, вклучително со она сега. Тоа е аналогна реакција. Но не знам како би се решила. Во секој случај не би требало да има избрзани чекори“, предупредува Бошков.

За следните чекори Синдикатите ќе одлучуваат ако до утре нема конкретен одговор од Владата. Министерот за финансии го кажа своето, но синдикатите сепак ќе почекаат до утре пред да ги започнат подготовките за  генерален штрајк.  Според пресметките, за линеарно зголемување на платите генерално во јавниот сектор би биле потребни по околу 6 до 7 милиони евра месечно. Ова е сепак груба пресметка базирана врз вкупниот број на вработени во јавниот сектор, околу 140.000. Сепак конкретни бројки и пресметки од надлежните нема. Од Сојузот на синдикати тврдат дека оваа сума е помала и доколку се реализира договореното годишно по овој основ, би биле потребни по околу 30 милиони евра. Односно, дополнително на сумата која допрва треба да се одвои за зголемувањето на минималецот, усогласувањето со останатите плати, повисоките плати во градинките и училиштата, одлуката за повисоки плати во полицијата и правосудството.