Винклер и Хала: Јуначки до самиот крај
17 јули 200817. јуни 1956. Патеката е тешка, при секое јавање паѓа барем по една препрека. Фриц Тидеман и Алфонс Литке-Вестхаус во првите обиди поминаа релативно добро, сега на ред е и третиот германски јавач – Ханс Гинтер Винклер. Со коњот Хала актуелниот светски првак изведува безгрешно јавање, се` до претпоследната препрека.
„Претпоследната пречка беше висока 1.60 и многу јавачи тука грешеа. За да избегнам грешка го намалив темпото на јавање. За време на прескокот ги собрав нозете, а кобилата забележа за што се работи и изреагира на тоа. Се слушна удар и почувствував силна болка во препоните“ – се потсетува сега 82-годишниот Винклер.
И коњот и јавачот направија грешка на последната препрека, но сепак стигнаа до целта. Винклер при тоа се здоби со кила и повреда на стомачните мускули. Лекарите му дадоа многу јако средство за смирување на болките.
Трката мора да продолжи
Сепак, целосно зашеметениот Винклер сака и мора да јава. Нема замена, останатите од екипата добро ја поминаа и втората етапа, Германија е меѓу првите, сега се` зависи од него и од кобилата Хала.
„Бев зашеметен, како некој да ме удрил по главата. Излегов, отпоздравив пред Кралот во почесната ложа и почнав да јавам, а кобилата, за среќа, скокна доволно високо“ – објаснува јавачот Винклер. За спортскиот коментатор, решавачкото јавање на Винклер изгледаше вака:
„Сега доаѓа тројната комбинација на пречки, оди напред, па по угорницата и преку препреката. Извинете, малку сум возбуден, но Хала се` уште се смее, се забележува дека знае за што станува збор овде. Доаѓа и последниот прескок, не смее да направи уште една грешка. И да видиме.... (грмогласен аплауз)
Хала е чудесна кобила
Ханс Гинтер Винклер го изведе единственото јавање без ниту една грешка на турнирот, иако беше повреден. Така освои златен медал и поединечно и групно, а неговото јавање отиде во легендите, исто како и кобилата Хала, која претходно беше отпишана од ергелата на германската армија. Сега таа стана позната ширум светот како чудесна кобила.
„Таа навистина беше чудесна кобила, реткост. Целата приказна е реткост“ – се потсетува Винклер. Кога Хала умре во 1979, германското Здружение за коњички спорт одлучи ниту еден друг натпреварувачки коњ да не го носи ова име, зашто чудата се единствени.