1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венизелос: Нимиц чека одговор од македонската страна

АМ/миа28 септември 2014

Грчкото МНР, по изјавите на министерот Никола Попоски оти „решавањето на името не е приоритет на грчката страна“, соопшти дека „Атина учествува активно, одговорно и со добра волја во преговорите што ги води Метју Нимиц“.

https://p.dw.com/p/1DMEV
Фотографија: MIA

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос на средбата во Њујорк со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски истакнал дека посредникот Нимиц го очекува македонскиот претставник во преговорите да ги потврди датумите за следната средба во Њујорк. Грчкиот преговарач веќе го прифатил првичниот предлог на Нимиц следната средба да се одржи во октомври.

Според грчкото МНР, Венизелос потврдил дека Грција веќе направила важни чекори кон заемно прифатливо сложено име со географска одредница, но име за севкупна употреба. „Следствено, се очекува одговорен однос и одговор од другата страна“, стои во соопштението.

Шефот на грчката дипломатија на средбата со Попоски го покренал прашањето и за „последните провокации на заменик-претседателот на македонскиот Парламент Антонио Милошоски на Олимп, и на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов во Обединетите нации, наведувајќи дека таквите изјави и неприфатливи акции не помагаат за клима на доверба и добрососедски односи“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

New York Rede Evangelos Venizelos UN-Vollversammlung 27.09.2014
Евангелос ВенизелосФотографија: imago/Xinhua

„Венизелос, исто така, истакнал дека прашањето за името има централна позиција во домашната политичка дебата во Македонија. Грчкиот став по ова прашање е формиран одамна, има поддршка од широк консензус, а не е под влијание на домашни политички причини со кус рок“, стои во соопштението.

Грчкиот дипломат рекол дека прашањата во врска со изгледите на Македонија за членство во Европската унија и НАТО, колективно се разгледуваат од земјите-членки на секоја организација врз основа на општите критериуми и процедури кои се применуваат за новите членки. Според официјална Атина, „критични прашања секогаш се прашањата на демократијата, владеењето на правото, меѓуетничките односи, регионалната стабилност, добрососедство, за да се избегне каква било директна или индиректна иредентистичка политика“.