Венецуела повторно има струја
14 март 2019Според владата во Каракас, снабдувањето со електрична енергија е повторно обезбедено речиси насекаде. Проблеми постојат само во местата Барута и Хатиљо во близина на главниот град Каракас поради пожарот во трафостаница, рече министерот за информации, Хорхе Родригез. Државните службеници денеска би можеле да продолжат со работа. Само училиштата треба да останат затворени уште 24 часа.
Грабежите ја влошуваат ситуацијата
Од четвртокот минатата недела, голем прекин во снабдувањето на електричната енергија парализираше големи делови на Венецуела. Згора на тоа во многу градови на јужноамериканската земја, која се соочува со катастрофална политичка и економска криза, дојде до грабежи во продавници и супермаркети.
Повеќе:
-САД ги повлекуваат и последните дипломати од Венецуела
-Мадуро против Гуаидо: Борба како онаа на Али и Формен
Во Маракаибо, град на западот од земјата, ограбени биле околу 500 продавници, изјави претседателот на Стопанската комора на сојузната државата Зулија, Фергус Валше. „Маракаибо е град на духови, отворени останаа единствено пекарниците и мини-маркетите", изјави Валше за весникот „Ел Насионал".
Меѓусебно префрлање на вината
Противници на владата причините за прекинот во снабдувањето со електрична енергија ги гледаат лошото управување и недоволното одржување на мрежата во некогаш богатата со нафта држава. Претседателот Николас Мадуро, пак како причина за колапсот во снабдувањето со електрична енергија посочи сајбер напад планиран од САД и од опозицијата.